Сметам дека Македонија треба да продолжи по патот на евроинтеграциите и друга опција за нас како држава не треба да постои. Нема двоумење и мислам дека АА е јасна во овие линии, изјави лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села по денешната средба во Скопје со премиерот Димитар Ковачевски, посочувајќи дека ќе го разгледаат францускиот предлог по што ќе излезат со свој став.
Села, нагласи дека Алијанса за Албанците и пред овој предлог да биде конечен, имале став во врска за спорот со Бугарија.
– Јасен е нашиот став дека тој спор треба да се реши почнувајќи од најосновното, ако веќе има проблем меѓу соседи, соседите треба да почнат да се признаваат меѓу себе. Од друга страна, јас пред Самитот на ЕУ, се изјаснив како претседател на партијата дека не се работи само за прифаќање или не на францускиот предлог, туку се работи за продолжување или не по патот на евроинтеграциите и мислам дека тоа треба да биде пристапот на политичките чинители, изјави Села.
Во врска со ова, нагласи Села е и ставот на АА за „Отворен Балкан“ односно дека не треба да создаваме алтернативи за ЕУ и единствен пат на Македонија треба да биде членство во ЕУ.
– Единствен пат треба да биде ЕУ што побргу. Нормално дека тој пат оди преку преговори, преку договори кои треба да се постигнат со земјите на ЕУ. Нема двоумење и мислам дека АА е јасна во овие линии, изјави Села.
Зачленувањето на Македонија во ЕУ, според Села, има геополитичко значење и политичарите треба повеќе да размислуваат за стабилноста на регионот, а помалку за добивање на политички поени.
– Немаме никакво двоумење, ние би прифатиле таков предлог како политичка партија и тоа е ставот на Алијанса за Албанците, изјави Села.