Повеќе од 15 години траела упорната потрага по биолошките родители на 34-годишниот Н.Н. од Скопје, кој сега живее и работи во Берлин. Но, кога конечно ја нашол жената која го родила и веднаш го дала на посвојување, како и откако го нашол неговиот биолошки татко, тој се соочил со огромно разочарување.
Се обрати до Фокус со цел да ја раскаже својата приказна, но и да упати апел до надлежните институции, конечно да се поработи на измена на актуелните закони за посвојување, бидејќи, како што вели, многу луѓе живеат во немир, стравуваат од неизвесноста, од неодговорените прашања околу наследни болести, а секако и страв од инцест, со ускратено право да го знаат својот идентитет.
Како што раскажува, тој растел во Скопје, а и неговите биолошки родители живееле таму, во ист град, на само неколку километри оддалеченост. Уште од најрано детство знаел дека е посвоен, родителите кои го одгледале му ја кажале вистината и му дале поддршка да си го бара биолошкото семејство.
-Имав среќа што моите мајка и татко, луѓето кои ме посвоија, ме изгледаа со многу љубов. Татко ми е починат, а мајка ми гледајќи ја мојата борба за биолошкото потекло, многу страдаше поради мене. Страдањето уште трае, затоа што нема да имам мир додека не се расчисти сето она кое со години ме мачи.
Од мојата 20-та година започнав со активна потрага по биолошкото семејство. Родителите ме поддржаа, на многу врати тропнавме, ангажиравме и приватен детектив, се обративме во многу групи на социјалните мрежи кои нудат помош во потрага по биолошко потекло.
Во времето додека ја барав, и додека созревав, константно ме мачеше прашањето зошто ме оставила? Која е таа, како изгледа, каква мака имала што се откажала од своето дете? Здравствените проблеми со кои соочив, дали се генетски, дали и моите деца можат да ги наследат? Дали имам полубраќа и полусестри, дали можеби и сум ги сретнал некаде?
За билошкиот татко, дознал дека живее во Маџари, оженет е, но немал деца. Со неговата биолошка мајка биле во љубовна врска за која знаеле сите нивни блиски, но бидејќи родителите на татко му се противеле на врската, откако мајката останала бремена, тој ја оставил. Потоа, таа го родила и веднаш го дала на посвојување, а во меѓувреме се омажила и добила син. Нејзиниот сопруг и синот не знаеле дека кога била девојка родила дете.
-Кога ми ја отвори вратата мојот биолошки татко, како да погледнав во огледало. Неверојатна физичка сличност! Му кажав кој сум и зошто сум дојден. Тој веднаш негираше дека сум негов син. За билошката мајка, кажа дека се познавале, но не сакаше повеќе да зборува со мене и ми кажа да си одам, вели Н.Н.
Целата приказна може да ја прочитате во Фокус.