Мајката на убиецот на Фросина работела со сопругот на судијката што ослободила Васил Јованов, објави Радио Лидер.
Информациите на Радио Лидер покажуваат дека семејството на судијката Даниела Алексовска Стојановска има конекции со семејството на Васил Јованов. Мајката на Васил, А. Јованова 5 години и два месеца работела во иста компанија со сопругот на судијката Е. Стојановски.
Проверките на нивните јавни профили на професионалните социјални мрежи Linkedin и Xing, покажуваат дека А. Јованова и Е. Стојановски заедно работеле во компанијата ИТС ИСКРАТЕЛ Телекомуникациски системи од јануари 2003 до февруари 2008 година. Информацијата е потврдена и од неколку актуелни и поранешни вработени од компанијата, кои и приватно се дружеле заедно со нив.
Нивните поранешни колеги за Радио Лидер брифираат дека двајцата колеги биле куќни пријатели, но оваа информација не можеме да ја потврдиме. Она што можеме да потврдиме е дека двајцата сигурно работеле заедно и со самото тоа семејствата се познавале од порано. Ова отвора сомнеж дека некој замолил за пријателска услуга, но, за ова прашање истрага веќе би требало да води судскиот совет.
Овие информации отвораат дилема и околу тоа дали судијката Алексовска Стојковска во случајот против Васил Јованов од 2024 година требало да се изземе од судењето? Со оглед на тоа дека кодексите и правилата диктираат дека доколку судијата и обвинетиот на еден или на друг начин имале блискост, судијата треба да се изземе од предметот и истиот треба да биде доделен на друг судија.
Наместо изземање, ние во тој случај видовме скандалозна одлука. Полнолетно лице, кое делото го сторило кога било полнолетно, без да признае и да почувствува вина да биде осудено на мерка упатување во поправен дом за малолетници. На ваква пресуда, никој од правната фела не се сеќава.
Васили Јованов никогаш не отишол ни во домот за малолетници, затоа што обвинителството се жалело а судијката претходно го поништила притворот за него. Ова го оставило слободен, при што затаила и апелација која повеќе од 6 месеци не носи одлука по жалбата па тој е слободен.
Да не бил слободен, како по секоја рационална основа тој не би требало да биде, македонскиот судски систем немаше вака да ја убие Фросина Кулакова.
Идентитетот на сопругот на судијката и на мајката на обвинетиот се познати на Радио Лидер, но, за да не ги загрозиме во состојба на огромно јавно незадоволство, ги објавуваме само со првата буква од нивното име. Сепак, за ова не смее да се молчи.
Никој не треба да биде ослободен затоа што е „наше дете“, пишува Радио Лидер.
Извор: Радио Лидер