Семејството Кулакови преку социјалните мрежи повика да не се инструментализира смртта на Фросина, која загина во сообраќајна несреќа на 29 јануари на Партизанска во Скопје.
Велат дека во време кога треба да се подготвуваат за 40-дневниот помен на Фросина, тие се принудени да се занимаваат со туѓи агенди.
Наместо да ни се овозможи достоинствено да тагуваме, повторно сме сведоци на бездушна манипулација со нејзината погибија. Зошто овој марш започнува токму од местото каде што нашата Фросина го загуби животот?
Таа не е жртва на родово насилство, туку на хулиганството што со години се негува во Македонија преку неказнивоста и неспроведувањето на законите. Оваа наша борба не е за родова еднаквост, туку за правдата која им беше ускратена на безброј жртви на сообраќајното насилство.
Каде беше Хелсиншкиот комитет да даде изјава за сите други жртви на сообраќајното насилство? Каде беше кога судиите носеа срамни пресуди за убијците во сообраќајот? Каде беше кога Судскиот совет не постапи соодветно во случајот со “тета” Даниела Алексовска Стојановска дозволувајќи и да продолжи со носење срамни пресуди?
Како семејство, сметаме дека е крајно недолично да се маршира со тенџериња и дрвени лажици од местото каде што свирепо беше прегазена Фросина. Овој чин не е почит, туку навреда – кон неа, кон нас, и кон сите жртви на беззаконието. Наместо искрена борба за правда, гледаме само инструментализација на нашата трагедијата.
Затоа, јавно бараме од организаторите на маршот да го променат почетното место и да покажат минимална почит кон нашата болка. Ова не е место за перформанс, туку место на трагедија кое треба да остане ослободено од политички и активистички агенди. Доколку маршот има искрена намера за правда, нека започне на друго место.
Длабоко сме разочарани од несовесноста и целосната непочит – и кон жртвите, и кон нас како семејство. За овој настан дознавме преку социјалните мрежи, па затоа и овде јавно кажуваме: нема да бидеме дел од овој марш и не го поддржуваме.
Почитувајте ја Фросина. Почитувајте ја болката на нешето семејство. Не ја користете нејзината смрт како инструмент за туѓи агенди, побара семејството на Фросина на социјалните мрежи.


