Вашингтон, 5 јуни 2026, (МИА) – Зборуваме за веродостојни механизми преку кои ковид-вакцините би можеле да предизвикаат рак и за напади врз научните публикации и истражувања во врска со тоа. Иако може да изгледа дека ова се две неповрзани теми, нивното разгледување заедно ќе помогне да се објасни зошто толку голем дел од јавноста останува несвесен за сериозните несакани појави предизвикани од мНРА-вакцините проив ковид – рече сенаторот Рон Џонсон, кој е претседател на поткомитетот за истраги, на последното сослушување во Сенатот на САД одржано завчера.

Во воведот тој истакна дека во април поткомитетот одржа друго сослушување и објави извештај во кој беше откриено како високи функционери на Федералната американска агенција за лекови – ФДА одлучиле да користат алгоритам за безбедносен надзор за кој знаеле дека ќе ги скрие, и навистина ги скриле, безбедносните сигнали за исклучително сериозни несакани настани, вклучително и ненадејна смрт. Тој додаде дека ова е шокантно откритие, кое, за жал, било отфрлено од водечкиот член на поткомитетот и целосно игнорирано од традиционалните мејнстрим-медиуми.

„Затоа не треба да изненадува што за време на пандемијата алтернативните третмани со евтини и безбедни генерички лекови не само што беа потиснувани туку и активно саботирани во корист на експериментална генска терапија, без правна одговорност и со висока профитабилност.

Фактот што сите институции, кои имаат корист од големите фармацевтски компании, активно ја промовираа експерименталната генска терапија е и причината поради која сега толку силно работат на прикривање на реалноста за повредите предизвикани од мРНА-вакцините против ковид“, рече Џонсон.

Сведочењето дадено на априлското сослушување, рече Џонсон, ги опиша безбедносните студии, кои не биле спроведени за ковид-вакцините пред издавањето на одобрението за итна употреба и подоцнежното целосно одобрување.

„Оваа листа на изоставени студии треба да ги шокира сите. Повторно, ова беше наведено во сведочењето: интеракции со лекови, кардиоваскуларна токсичност, токсичност врз централниот нервен систем, токсичност врз други органи, токсичност врз крвта, генотоксичност и канцерогеност.

Тие студии не беа спроведени. Не сум сигурен дали се спроведени дури и денес бидејќи производот веќе е одобрен. Сега, едноставно, не сакаме да знаеме“, истакна Џонсон.

Тој додаде дека традиционалните мејнстрим-медиуми, федералните здравствени власти и медицинскиот естаблишмент продолжуваат да ги игнорираат и прикриваат лагите што биле кажани и штетите што биле предизвикани од владите како одговор на коронавирусот, а само алтернативните медиуми ја шират вистината до сè поголем дел од светската јавност.

„Како резултат на тоа, довербата во овие институции се намалува. Единствениот начин оваа изгубена доверба да се обнови е вистината да биде признаена преку процес на јавно соочување и одговорност. Сослушувањата што ги одржувам имаат цел да придонесат кон тој процес“, рече Џонсон отворајќи го новото сослушувањето во Сенатот одржано на 3 јуни.

Овој пат со свои сведочења учествуваа:

– д-р Ангус Далглиш, проф. по онкологија, 

– д-р Вафик ел-Деири (директор, Центар за рак „Легорета“, Универзитет „Браун“), 

– д-р Сабине Хазан (извршен директор, „Прогена биом“), 

– д-р Саскија Мостерт,

– д-р Асим Малхотра (консултант кардиолог, клиника HUM2N),

– д-р Џули Гралоу (главен медицински директор, ASCO),

– Тамика Фелдер (сведоштво на преживеана од рак).