САД, кои моментално распоредуваат трупи покрај брегот на Венецуела, му понудија на претседателот Николас Мадуро, можност да „оди во Русија“ или во некоја друга земја, изјави синоќа американскиот сенатор Марквејн Малин.

„Му дадовме можност на Мадуро да замине. Му рековме дека може да оди во Русија или може да оди во друга земја“, изјави републиканскиот сенатор од Оклахома.

Изјавата доаѓа во време на многу високи тензии меѓу САД и Венецуела.

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди распоредување на воена сила од големи размери во Карипското Море и во саботата предупреди  дека го смета венецуелскиот воздушен простор за целосно затворен откако го испрати најголемиот носач на авиони во светот во оваа област.

Трамп ги оправдува операциите со обвинувањето дека Каракас дека стои зад трговијата со дрога што го преплавува американскиот пазар.

Мадуро ги негира обвинувањата и возвраќа со обвинување дека Вашингтон го користи овој изговор за да го собори, да предизвика промена на режимот во Венецуела и да ги заплени нафтените резерви на земјата.

Социјалистичкиот претседател Мадуро е на власт од 2013 година како политички наследник на Уго Чавез, водечката фигура на радикалната левица во Латинска Америка. Тој беше реизбран во 2024 година по спорните избори обележани со немири и апсења.

„Самиот венецуелски народ исто така се изјасни и рече дека сака нов лидер и да ја обнови Венецуела како земја“, рече сенаторот Малин.

И републиканскиот сенатор, Линдзи Греам, во саботата,исто така, отворено проговори за промена на режимот во Венецуела.

„Повеќе од една деценија, Мадуро контролира нарко-терористичка држава која ја труе Америка“, напиша тој на платформата X, нарекувајќи го венецуелскиот претседател „нелегитимен лидер“.

„Цврстата посветеност на претседателот Трамп за ставање крај на ова лудило во Венецуела ќе спаси безброј американски животи и ќе им даде на драгиот народ на Венецуела нова шанса за живот“, рече Греам, кој ја посочи можноста за егзил на Мадуро.

Од почетокот на септември, САД извршија напади врз повеќе од 20 бродови осомничени за трговија со дрога во Карипското и Тихиот Океан. Во тие напади загинаа 83 лица, но американските власти не дадоа докази дека бродовите биле користени за трговија со дрога.

Обединетите нации проценија дека станува збор за „вонсудски егзекуции“.

„Њујорк тајмс“ неодамна откри дека Трамп и Мадуро неодамна имале телефонски разговор за можна средба во САД, а веста синоќа ја потврди самиот претседател Трамп, без да даде дополнителни објаснувања за содржината на разговорот.

фото: архива