Италијанските сенатори денеска изгласаа укинување на имунитетот на поранешниот министер за внатрешни работи Матео Салвини, со што се отвора можност за негово судење, кое би значело крај на неговата кариера поради обвинувањата дека минатата година задржал мигранти на спасувачки брод во близина на брегот на Сицилија, објави Би Би Си.
Резултатите од гласањето се очекува да бидат објавени подоцна денеска, но засега е познато дека мнозинството сенатори се изјасниле за укинување на правната заштита на Салвини.
Одлуката на Сенатот ќе им овозможи на судиите на Сицилија да покренат обвинение против Салвини, бидејќи минатиот јули одби да им дозволи на група мигранти да излезат од брод на италијанско тло, додека чекал согласност од други европски држави да ги прифатат.
Доколку биде осуден, Салвини, кој во тој период ја извршуваше функцијата министер за внатрешни работи, може да се соочи со затворска казна од 15 години.
Иако му бил речиси познат резултатот од гласањето во Парламентот, Салвини сепак побара да му биде укинат имунитетот и да му се суди за, како што наведува, дека е „одбрана на Италија од илегалните мигранти кои се виновни за криминалот и за одземањето на работните места од Италијанците“.
– Одлучив против своите интереси … да заминам на суд и да се надевам на непристрасност на судството. За разлика од оние кои бегаат, јас не бегам и смирено ќе ја чекам пресудата, прво на судот, а потоа и на италијанскиот народ кога ќе гласа, истакна Салвини пред новинарите.
Во текот на 14-месечниот министерски мандат Салвини постојано спречуваше влез на мигрантите во Италија, ги попречуваше активностите на спасувачките бродови и им се закануваше со казни на хуманитарните организации.