Наместо карго аеродром во Штип концесионерот на македонските аеродроми ТАВ Македонија за да го задржи бизнисот ќе гради канализација, изјави министерот за економија Крешник Бектеши за ТВ Алсат.
Вкупната вредност со која требаше да се гради аеродромот е 35 милиони евра, но анализата на владата покажала дека нема економска оправданост во тој проект и затоа парите ќе бидат пренаменети.
– Ние како влада мислиме дека подобро би било овие средства да се трансферираат во проекти кои се од јавен интерес. Имајќи предвид дека ние како држава, канализација и водоводи немаме ниту 30 отсто од територијата на државата, а ние веќе имаме современ аеродром во Скопје кој може да користи и за карго цели, изјави Бектеши.
Од ТАВ Македонија велат дека немаат никаков проблем со пренамената на средствата, нивна обврска било да вложат во Македонија 35 милиони евра. За нив е важно да продолжат да работат во земјава. Сега се очекува општините да достават проекти до Министерството за економија со кои би аплицирале за дел од средствата со кои ќе се гради канализацијата и останатите проекти.
Концесијата на ТАВ Македонија е заклучно со 2030 година, а веќе имаат побарано од Владата продолжување на соработката. Од 2010, од кога стопанисува ТАВ со двата аеродроми во Скопје и Охрид инвестирале 120 милиони евра во аеродромска инфраструктура, а за концесии на државата и дале речиси 50 милиони евра.