Џенаро Гатузо нема да седи на клупата на Фиорентина во новата сезона во Серија А, потврди попладнево италијанскиот прволигаш од Фиренца, објавувајќи крај на соработката со 43-годшниот стратег само три недели по неговото назначување за нов шеф на стручниот штаб.
– Фиорентина и Рино Гатузо со меѓусебен договор одлучија дека нема да ги продолжат прелиминарните преговори и нема заедно да ја почнат новата сезона, соопшти Фиорентина.
Италијанските медиуми објавија дека двете страни ги затегнале односите поради несогласувања околу клупската стратегија и износот на средства што треба да се вложат за нови засилувања на екипата.
Фиорентина, која е во сопственост на американскиот бизнисмен од италијанско потекло Роко Комисо, објави дека „веднаш почнува со потрага по нов тренер, кој ќе ја води екипата кон резултати што клубот и градот ги заслужуваат“.