Русија претставува закана и за Балканот, но не во смисла на инвазија, туку во смисла на негова дестабилизација, оценува во коментар за МИА за руско-украинската криза професорот Даниел Сервер од Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон.
-Иако, војната не е завршена, веќе е јасно дека Русија го загуби не само моралниот статус во светот, како и економската стабилност дома, туку и пријателството на повеќето Украинци. Тие никогаш нема да го прифатат она што го сака Путин: апсорпција на Украина во нова руска империја, подвлекува Сервер кој важи за експерт за Балканот.
Запрашан за тоа какво влијание ќе има руско-украинската криза врз регионот на Западен Балкан, американскиот аналитичар посочува дека Русија претставува закана и за Балканот, но од аспект на можноста да влијае на негова дестабилизација.
-Русија, исто така, е закана на Балканот, каде што делува и преку своите дезинформациски оружја (РТ и Спутник), како и преку српските националистички организации, вклучително српската Влада и Република Српска во Босна и Херцеговина, како и проруските политички сили во Црна Гора и на други места. Заканата не е инвазија на Балканот, туку дестабилизација, со која Русија се обиде и во С. Македонија и во Црна Гора. Двете земји дадоа восхитувачки и демократски отпор. Се надевам дека ќе продолжат да го прават тоа, вели Сервер.
Прашан дали актуелната војна во Украина ќе влијае на забрзување или на забавување на проширувањето на ЕУ, Сервер се надева дека Европа ќе стане поотворена за нови членки, но, вели, се плаши дека е можно и спротивното.
-Можеби се надевам дека војната во Украина ќе ја направи Европа поотворена за нови членки, но се плашам дека може да го направи спротивното. Главната работа за С. Македонија и другите земји кои сакаат да влезат во ЕУ е да ги направат потребните политички и економски реформи, кои ќе потраат најголемиот дел од оваа деценија, за да бидете подготвени за пристапување во членство кога ќе се отвори прозорецот. Најголемиот дел од придобивките од пристапувањето во ЕУ доаѓа со тие реформи, оценува Сервер.
Тој смета дека Македонија, Црна Гора, Албанија и Хрватска исто така имаат важна улога како членки на НАТО.
-Алијансата ќе мора да се чува од агресија од Русија се додека Путин или некој од нему сличните владее во Москва, заклучува американскиот аналитичар Даниел Сервер.