Празниците се моменти кога секоја генерација што ги слави треба да се запраша дали со секоја измината година правиме подобра држава, поубаво место за живеење. Македонскиот народ никогаш не окупирал и не земал туѓо. Нашите големци и дејци од минатото ги паметиме по големите космополитски идеи кои ги надминуваат границите на националното. Нашата борба секогаш била само да се биде свој на своето и да се подава рака, да се трага по заедништво. Стремеж за држава на сите и за сите, пријател со сите, порача денеска премиерот Зоран Заев во Прилеп на свеченоста по повод „80 години од Денот на народното востание, 11 Октомври“.
Тој во својот говор истакна дека денес Северна е ценет и посакуван партнер, успешна приказна која започна да ја менува приказната на Балканот.
– … Македонија е препознаена и како инспиратор на еден нов Балкан, изјави Заев.
Говорејќи за големината на овој празник Заев истакна дека нашите борци од народно-ослободителната војна, и сите наши претходни генерации, оние што ги вградиле своите дела и животи во слободата, ни ја дале државата како дом за сите, како дом на слободата.
-Поради храбрите борци на НОБ, сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци. Аманет поради кој денес, сите ние – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност секогаш да бидеме обединети во негувањето на нашето праведно општество. Општество на еднакви можности, општество на правда, одговорност и еднаквост – едно општество за сите, истакна во својот говор.
Тој напомена дека празнувањето на големите датуми, оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата, е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато.
-Нашиот патриотизам, идните генерации ќе го слават само ако им дадеме повеќе причини за тоа. Како што нам, причини за славје ни даде генерацијата борци од антифашистичката и народноослободителната борба, рече Заев и потсети дека годинава одбележуваме уште еден голем јубилеј – 30 години независност.
Заев нагласи дека денес Република … Македонија е меѓународно призната држава со сопствена армија, со државна валута и со сите постулати на државност, со место во Обединетите Нации, со кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет, членка на НАТО.
-Македонскиот јазикот се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани. Уште во самиот почеток на независноста граѓаните недвосмислено го посочија патот по кој треба да се движи македонската државност. Тоа е патот на прогресивните демократии, европскиот пат, патот кон демократските вредност, истакна Заев.
Тој говореше и за добрососедските односи, нагласувајќи дека преку отворен пристап е воспоставена соработка со сите наши соседи.
-Градиме партнерски однос со сите држави од соседството – Бугарија, Србија, Косово, Албанија и Грција, со коишто секојдневно заедно соработуваме на сите полиња. Со упорност и одважност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција. Тоа беа крупни, храбри чекори за да потврдиме дека нашата земја била и секогаш ќе биде Европа. Дезинформираа дека наводно сме го бришеле АСНОМ од нашата историја, од нашиот Устав. Никогаш, по никоја цена. Не само што не се избриша во Преамбулата на Уставот, туку напротив, АСНОМ сега се спомнува и вреднува уште повеќе. Уште посилно го зацврстивме местото и значењето на АСНОМ во државно-правната традиција на нашата земја. Се зборувало ли повеќе, било кога, за македонскиот јазик. Посветивме и Ден, празник на македонскиот јазик, тоа е 5 Мај, нагласи Заев.
Говорејќи за членството во НАТО и придобивките од него, Заев нагласи дека се преземени чекори, донесени се политички одлуки, „за да им докажеме на последните скептици дека … Македонија треба да биде новата ѕвезда во европското соѕвездие“.
-Дека го заслужуваме тоа место и дека ќе го добиеме. Никој нема забелешки на нашите реформи. Напротив, препознаени се и пофалени. Покажавме капацитет дома постојано да ги имплементираме европските вредности. Овој развој на државата е неопходен пред сè за сите нас овде во … Македонија. За жал нашето столче во Европската Унија сè уште не е поставено. Сега од Брисел и особено од Софија очекуваме реално да покажат дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште стратешка цел. Дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Дека гледаат напред, исто како што македонскиот народ гледа напред. Тоа е европски поглед, порача премиерот.
Нагласувајќи дека земјава е пример за еден нов и современ Балкан, втемелен на пријателство и соработка, без предрасуди и анимозитети, се осврна и на иницијативата Отворен Балкан.
Се осврна на историјата за Народна Федерална Република Македонија и на денот на кој шестнаесетмина младинци, партизани од Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, го нападнаа полицискиот участок на тогашните фашистички окупаторски сили и ги прекинаа телефонските и електричните врски со градот.
-Овие млади луѓе, заедно со нивните другари од Куманово презедоа храбри акции со кои го означија почетокот на сенародната борба за слобода и човечки правдини. Овие млади луѓе не се штедеа себеси – ниту својата младост, ниту своите животи. Останаа записите на тогашниот окупаторски воен суд во кој е запишано дека напаѓачите располагале со околу дваесет пушки и со неколку бомби. Со 300 до 400 куршуми, со леб и со други намирници. Ете тоа е запишано во прецизните судски записи, но, не е запишано најсилното оружје кое што го поседувале овие грст млади луѓе: Силниот порив, силната волја и одлучност, да се кренат против фашистичките окупаторски војски. Да го продолжат државотворното дело на сите претходни генерации кои ја сонуваа самостојната македонска држава, истакна Заев.
Тој рече дека во име на должната почит, инспирација и восхит за нивните револуционерни и слободарски дела, нашите ослободители од народно-ослободителната војна ги именувале партизански одреди со имињата на Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански. Ги опеваа, како што рече, нивните имиња во борбената песна „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“ и го вееја знамето на Крушевската Република за ослободување на Македонија, за создавање на државата и за изградба на општество достојно на вредностите на прогресивните, демократски, антифашистички сојузнички сили на епохата.
-Тоа е Епохата од која 11 Октомври – Денот на народното востание, е врежан со златни букви во колективната меморија на нашиот народ, истакна премиерот.
Потсети на големата жртва, која е дадена, нагласувајќи дека во Втората светска војна нашата територија заврши со околу 25.000 загинати борци и други жртви.
Им оддаде почит на сите оние кои ни оставија аманет да се обединиме околу овие вредности и да ги надминеме поделбите. -Да го зајакнеме заедништвото коешто како завет нѝ е оставено со Крушевскиот манифест, со народно-ослободителната антифашистичка војна и со АСНОМ, и со референдумот за независност. Нека ни е честит и вековит 11 Октомври – Денот на народното востание! Нека ни е честита 80-годишнината од историскиот чин што ни ја донесе државноста, слободата и независноста. Да ни биде вековита Република … Македонија! Да живее слободата, порача премиерот во своето обраќање.