Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, повика да не се напаѓаат полициските службеници за трагедијата во Кочани. Тој се врати на седницата каде се расправа за негова интерпелација.

„Кога повикувате на одговорност, ве замолувам да ги имате во предвид фактите дека 16 полициски службеници се обвинети, од кои едниот е актуелен полициски функционер. Второ, полицаец почина вечерта, Тоше се викаше. Татко му се вика чичко Винко. Прашајте го него зошто не поднесов оставка. Трето, ќерка на полициски службеник почина во несреќата. За мене зборете што сакате имате легитимно право на тоа, поставувајте прашања, но кога ќе поставите прашање, внимавајте дека претходно МВР немаше ниту една кривична пријава за загинатите во претходните трагедии, а сега има. Вие сте тие што предизвикувате болка дополнителна на овие семејства. Немојте да ги напаѓате полициските службеници. Полициски службеник загина во Кочани, еден го изгуби своето чедо во Кочани. Секој кој има одговорност, ќе одговара“, рече Тошковски.