Во пресрет на Вториот министерски состанок за вработување и социјални прашања меѓу министрите на земјите – членки на ЕУ и Западен Балкан, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска утринава присуствуваше на работен појадок, што го организираше австрискиот министер за труд Мартин Кохер за министрите за прашањата од областа на трудот од Западен Балкан.
На состанокот, како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, присуствуваа и министерката за цивилни прашања на Босна и Херцеговина, Анкица Гуделјевиќ, како и министерот за финансии, труд и трансфери на Косово, Хекуран Мурати.
Министерката Шахпаска на состанокот истакна дека Република Македонија и Република Австрија досега имаат одлична соработка во доменот на вработувањето, социјалната заштита и социјална инклузија.
Таа се осврна на политиките за подобрено вклучување на младите лица на пазарот на труд, а особено на имплементацијата на Младинската гаранција која ја имплементираме како прва и единствена земја од овој регион на Западен Балкан.
– Имплементацијата на оваа програма за нашата држава даде исклучително позитивни искуства и резултати. Но, сепак се уште има предизвици со кои се соочуваме и кои мораме да ги надминеме. На тоа интензивно работиме. Во тие напори од особено значење би ни била и понатамошната соработка со Австрија и споделувањето на нивните искуства и научени лекции, добри практики во имплементацијата на Младинската гаранција и политиките за млади, како земја членка на ЕУ, нагласи министерката Шахпаска.
Таа ги истакна и напорите кои во овој изминат период Владата ги прави за справување со последиците од пандемијата со Ковид-19 и усвоените пакети на анти-кризни мерки, детално креирани и усогласувани во соработка со социјалните партнери.
Австрискиот министер Кохер информираше за приоритетите на Австрија во делот на пазарот на труд, преминот кон дигитализација и кон зелени работни места, вработувањето и образованието на младите, особено во делот на заздравувањето од Ковид кризата.
Тој го сподели искуството на неговата земја во делот на имплементацијата на образовната гаранција, но и системот за практиканство на младите и во тој контекст, на силната поврзаност со приватниот сектор и компаниите.
Министерката Шахпаска оцени дека за државите од Западен Балкан, вклучително и за нашата предизвик е одливот на едуцирани млади луѓе.
– Ние како држава креираме конкретни политики кои треба да овозможат задржување на младите дома и градење на нивната иднина во С. Македонија. Во таа насока е и имплементацијата на активните политики за вработување, зголемувањето на буџетските средства кои ги издвојува државата за Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување. Работиме и на рамномерен регионален развој, како и на поттикнување на диверзитетот и на инклузивноста кои ги вградивме како основни принципи во овогодинешниот Оперативен план, информираше Шахпаска, која се осврна и на тековните реформи во образовниот систем со цел негово што поголемо прилагодување кон пазарот на труд и потребите на младите.
Соговорниците ја нагласија потребата од продлабочување на заедничката соработка во иднина.
Во попладневните часови министерката Шахпаска ќе има обраќање на Вториот министерски состанок за вработување и социјални прашања меѓу министрите на земјите – членки на ЕУ и Западен Балкан.