Министерството за труд и социјална политика во соработка со Светска банка реализира Проект за подобрување на социјални услуги и опфаќа две значајни компоненти, односно зголемување на социјалната вклученост на граѓаните во системот на социјална заштита, изјави министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска во гостување на утринската програма на Националниот сервис, како што ја прекрстуваат Македонската телевизија (МТВ).

-Првата компонента е подобар пристап до парични надоместоци и услуги и вториот проширување на пристапот и подобрување на квалитетот во системот за згрижување и воспитание, односно поголем опфат на деца во предучилишното воспитание и изградба на нови и проширување на постоечките детски градинки, објаснува министерката Шахпаска.

Таа вели дека резултатите од социјалната реформа покажуваат дека изминатата година во време на пандемија со законски измени е зголемен опфатот на дополнителни 6500 домаќинства, преку олеснети критериуми за влез во системот на социјална заштита, како и зголемен детски и образовен додаток.

Во однос на Проектот за подобрување на системот на социјални услуги, Шахпаска посочи дека тој е заснован на неколку принципи што претставуваат темел на социјалната реформа.

– Преку принципот на плурализација, го вклучуваме невладиниот сектор, физички лица и приватни субјекти, како даватели на услуги. Суштината е зголемување на опфатот на даватели на услуги кои претходно поминуваат низ процес на обуки. Излегуваме од стариот систем на социјална заштита кога даватели на социјалните услуги беа Центрите за социјална заштита, додава министерката.

Таа посочи дека преку децентрализацијата како процес на спуштање на социјалните услугите на локално ниво, општините се главните носители на услугите кон граѓаните, со вклучување на граѓанскиот сектор. Притоа, го истакна значењето на вклучување на најтешко вработливите граѓани кои се дел од заедницата како даватели на услуги преку овој проект. Истовремено, се проширува и лепезата на социјални услуги, кои досега никогаш не биле достапни за граѓаните.

– Граѓанинот претставува стожер на социјалната реформа. Се што правиме и како Влада и како Министерство е да го олесниме животот на граѓаните, истакна Шахпаска.

Во однос на јавниот повик објавен минатата година од страна на Министерството за труд и социјална политика, министерката Шахпаска истакна дека во 24 општини се реализираат 19 проекти, а од нив 16 се врз основа на претходно мапирање на потребите во локалната средина во секоја општина.

Таа појасни дека проектите се наменети за помош и нега за стари лица во домот, и на лица во дневните центри. Проектот во општините Липково и Делчево е за поддршка и рехабилитација на деца со попреченост. Станува збор за три различни проекти за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина.

– Проектите ќе продолжат и понатаму. Ќе имаме нов повик. Правиме мапирање за потребите на граѓаните. Тоа се возрасни лица кои живеат сами, кои имаат комбинирана или тешка попреченост, а немаат возрасно лице способно да им помага во домот. На тој начин одбраните корисници, дури и во најоддалечените села во општините ќе имаат помош, поддршка и нега која изнесува 80 часа на месечно. Ќе ја даваат нивни блиски, соседи, луѓе коишто тешко можат да се вработат. Тие поминале низ системот на обука од страна на овластени обучувачи. МТСП ја дава лиценцата на давателот на тие сервиси и дополнително го трансферира паричниот надоместок, преку Центрите за социјална работа, рече министерката за труд и социјална политика Шахпаска.

Со овој проект во првата фаза услуги ќе добиваат 900 корисници во најголем дел помош и нега во домот, а околу 300 даватели на услуги, односно негуватели ќе бидат ангажирани во целиот овој систем.