Социјалните претпријатија преку економските активности се исклучително важни за поддршка на  најранливите категории граѓани, кои немаат пристап до домување, образование, социјални услуги, кои се исклучени од пазарот на труд, без достоинствен живот и со соочуваат со сиромаштија и социјална исклученост. Тие им овозможуваат  пристап до  работни места, интеграција и реинтеграција во заедницата, градење на самодоверба, развој и вклученост во заедницата.

Ова го истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на денешната јавна расправа на тема: Националната стратегија за развој на социјалните претпријатија во РС Македонија.​

Како што информира МТСП, Шахпаска посочи дека, социјалните претпријатија на прво место ја ставаат солидарноста и грижата за личноста и истовремено со своите иновативни  решенија и социјална мисија придонесуваат за кохезија и развој на целото општество.

-Владата се обврза, а Министерството за труд и социјална политика  работи во насока на обезбедување политичка, стратешка и техничка поддршка за создавање поволна клима за развој на социјалното претприемништво, истакна Шахпаска.

Таа појасни дека Нацрт националната стратегија за социјални претпријатија за која денес се расправа ги одразува сите овие заложби. Успеавме, потенцира, да развиеме документ низ целосно партиципативен процес кој траеше подолго од 12 месеци и кој подразбира и зајакнување на капацитетите на јавните институции, бизнис секторот, социјалните претпријатија и актерите кои обезбедуваат поддршка за социјалните претпријатија.

Според Шахпаска, овој процес бил координиран од Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, а е поддржан од УНДП и Швајцарската агенција за развој и, како што рече, создаде нов начин на работа кој се темели на соработка, градење партнерства, солидарност и заедништво.

-Со оваа прва Национална стратегија за социјалните претпријатија ја поставуваме основата на еден еко-систем  каде човечкиот капитал, социјалната инклузија и економскиот развој се приоритет.  Воспоставуваме  систем кој креира одржливи општествени решенија за предизвиците на денешницата во повеќе области, кој промовира демократско управување и реинвестирање на добивката за општествено добро, но пред се за луѓето, истакна Шахпаска и додаде дека овој документ е првиот чекор во развојот на екосистемот за социјалните претпријатија, после кој ќе следи создавање на национален координативен механизам за следење на имплементацијата на Стратегијата.

Министерката Шахпаска нагласи дека социјалните претпријатија се одраз на трансформацијата на економијата кон социјална економија – тие решаваат општествени предизвици, придонесуваат за благосостојбата на човекот, создаваат производи и услуги, генерираат работни места и придонесуваат со социјалните иновации, но и истовремено значат борба против сиромаштијата и зголемување на вработувањето на најранливите категории на граѓани.

Денешниот настан организиран во рамки на Глобалната недела на претприемништво, се одбележува истовремено во 170 земји во светот и  претставува најголемото светско одбележување на иноваторите и креаторите на работни места, го поттикнуваат економскиот пораст и даваат пошироко, подлабоко значење на благосостојбата на луѓето. На јавната расправа се обратија и Герхард Браунинг, експерт за развој на социјални претпријатија и Александра Илоска, истражувач на јавни политики од Асоцијацијата „Паблик“.