Справувањето со социо-економските нееднаквости при пружање на здравствените услуги на граѓаните, со акцент на меѓуинституционалната соработка и размената на податоци како особено значајни во креирањето на мерки за ранливите категории граѓани, била тема на денешната средба на министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска со претставничката на СЗО во Македонија, Жихан Тавила, шефицата на Европската Канцеларија на СЗО во Венеција, Италија Крис Браун и останатите соработници.

 

Како што соопшти МТСП, министерката Шахпаска истакна дека на почетокот на пандемијата Владата постави два клучни прииоритети, зачувувањето на секое работно место и помош и поддршка за ранливите категории на граѓани. Шестте пакети економска помош беа креирани со цел да одговорат на потребите на граѓаните и компаниите кои беа најмногу погодени од  пандемијата. А дополнително беа олеснети и критериумите за влез во системот на социјална заштита, со цел да им се излезе на пресрет на граѓаните полесно да го пребродат кризниот период.

-Успешноста на социјалната реформа не е во тоа што повеќе граѓани да бидат регрутирани  во системот на социјална заштита, туку да ги активираме на пазарот на труд, преку изработка на индивидуални планови на Агенцијата за вработување и центрите за социјална работа. Дека Оперативниот план на активни мерки и програми е успешен говорат и бројките од 94 отсто реализација за минатата година и досегашните 87 отсто реализација за оваа година, рече министерката Шахпаска.

 

Таа потенцираше дека фокусот на работењето на Министерството за труд и социјална политика се ранливите категории на граѓани и обезбедувањето на помош и поддршка согласно нивните потреби. Во таа насока Министерството работи на поголема достапност на социјални услуги на локално ниво, изградба на детски градинки во рурални средини, активација на тешко вработливите членови од семејствота на пазарот на труд, поддршка на старите лица, унапредување на правата на лицата со попреченост, родова еднаквост, формализација на неформалните работни места.

Претставничката на СЗО во Македонија, Жихан Тавила изрази задоволство од дискусијата со министерката Шахпаска, на која беше истакната важноста на социјалната агенда и на реформите во социјалната сфера за здравјето и правичноста во однос на пристапот до здравствени услуги за целото население.

-За да имаме добри политики засновани на докази, надзорот над правичноста во поглед на здравјето е од круцијална важност и треба да претставува дел од Националната стратегија за развој. СЗО, заедно со националните партнерски агенции и соодветните министерства, ќе ја поддржи изработката на национална рамка за надзор над правичноста во поглед на здравјето, истакна д-р Жихан Тавила, претставничка на СЗО во Македонија.

Соговорничките, како што е наведено во соопштението од МТСП, изразија уверување дека со добра хармонизација на здравствената и социјална заштита значајно ќе се допринесе во создавање на поголема правичност и еднаквост во пристапот на услугите за граѓаните.