Во емисијата 10 Минути на ТВ 21 вечерва гостуваше министерот за образование, Јетон Шаќири, во која меѓу другото зборуваше и за распределбата на учебниците.
Вели дека досега се поделени над 240.000 учебници, а до следната недела, како што вели, оваа бројка ќе достигне над 270.000 учебници за учениците од основното образование.
– Потоа ни останува уште мал процент на книги за дистрибуција, додаде Шаќири.
А што се однесува до првите грешки кои почнаа да се објавуваат на социјалните мрежи, како онаа за врвот Монт Еверест за кој пишува дека е висок преку 29.000, а всушност е 8.849 метри, министерот за образование не ја исклучува можноста и во новите учебници да има грешки, објаснувајќи дека една книга пред да биде објавена, поминува низ неколку раце, како што се рецензенти и неодамна формираниот Национален совет.
– Не значи дека и овие што сега се пуштени во оптек немаат недостатоци, но во фазите на одобрување на учебникот, рецензентите и Националниот совет се тие кои го одобруваат учебникот. Јас како министер верувам и вие знаете дека неколкупати јавно апелирав, не само за овие, бидејќи и во министерството пристигнуваат пријави. Веќе повлековме учебник по социологија, вели Шаќири.