Универзитетот во Тетово е расадник на квалитетни кадри кои успешно се интегрираат во сите сегменти на општеството и голем дел од нив покажувајќи лидерски способности, учествуваат во креирање на позитивни промени и придвижувањето на државата напред, истакна денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири на манифестацијата по повод 28 години од основањето на Универзитетот.
На манифестацијата учествуваа претставници на академската и научната фела во државата, студенти претставници на извршната и законодавната власт во државата, како и претставници на дипломатскиот кор.
-Со основањето на Универзитетот во Тетово, првиот државен универзитет со настава на албански наставен јазик се оствари идејата на многу наши предци, интелектуалци и луѓе со мисија и визија да направат нешто за да се унапреди образованието на Албанците во С. Македонија. Нивниот некогашен сон денес е реалност во која сите живееме, рече Шаќири во своето обраќање.
Тој изрази благодарност до сите кои имаат придонес во основањето на Универзитетот во Тетово и до сите кои се трудат тој да напредува и да прераснува во еден од најсилните столбови на високообразовниот систем во државата.
-Денеска студии на сите три циклуси се организираат во современ објект, модерни амфитеатри, читални, лаборатории. Универзитетот има добро развиена мрежа на соработка со други образовни установи, со бизнис секторот и разни организации. На располагање се различни видови стипендии за студентите, како и средства за спроведување на научно истражувачки проекти. Најважно, Универзитетот има добро подготвен наставно – научен кадар од кој чест е да се учи и акумулира знаење, нагласи Шаќири.
Тој потсети дека Министерството за образование и наука неодамна изгради нов студентски дом за потребите на студентите од овој Универзитет и по завршување на неколку формалности, тој ќе биде предаден на користење.
Како што рече, оваа нема да биде последна инвестиција на државата во Универзитетот.
-Државната поддршка од сите аспекти ќе продолжи и во иднина, не само за овој, туку и за сите други државни универзитети, затоа што, немаме друга алтернатива освен да им понудиме квалитетно образование на граѓаните, додаде Шаќири.
Инаку, почесен професор и доктор на науки на овој Универзитет е и лидерот на ДУИ, Али Ахмети (на насловната фотографија), од чија партија е и министерот Шаќири.