Министерот за образoвание Јетон Шаќири смета дека не може да се зборува за меѓуетничка интеграција во образовниот процес се додека има случаи во кои не се дозволува на ученици да учат на нивниот мајчин јазик.

Коментирајќи ги последните случувања во населбата Чашка каде родители реагираат на одлуката да биде отворена паралелка на албански јазик во основното училиште „Тодор Јанев“, Шаќири посочува дека е во постојана комуникација со сите засегнати страни.

– Во овој момент би сакал да испратам порака, а тоа е дека не можеме да зборуваме за меѓуетничка интеграција во основно и средно образование, затоа што сѐ уште имаме одредени случаи како во Чашка и Гази Баба каде одредена страна не дозволува на учениците да учат на мајчин јазик, рече Шаќири, одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на нова апаратура за генетика во МАНУ.

Прашан дали во предизборниот период се одземаат ингеренции на училишта во општини кои не се под централната власт, Шаќири порача политиката да биде подалеку од образовниот систем.

Фото: МИА архива