Има договор да не се коалицира по изборите со партија која не ги прифаќа уставните измени, а истото мора да го почитува кој и да победи на изборите.

Вака вели кандидатот за пратеник од редовите на коалицијата ВРЕДИ во ИЕ 2, Ријад Шаќири. Тој вели дека овој договор има цврст став и вели дека за истото се изјаснил и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети.

„Знам дека разговаравме за тој договор со претседателот. Тоа е веќе постоечки договор, има цврст став, и во однос на учесниците во ВРЕДИ, но колку што знам, дури и господинот Ахмети изјави нешто такво. Да видиме кој од учесниците на политичките избори ќе го каже основниот принцип, а тоа е принципот дека без уставни измени никој не треба да учествува во ниту една влада“, порача Ријад Шаќири.

И колку некоалицирањето без уставни измени може да биде причина за одложување на формирањето на владата? Според Шаќири, тоа најмногу зависи од резултатите и од бројот на освоени пратеници. Според него, доколку се достапни потребните бројки за формирање на влада, тоа не треба да се одложува.

„Тоа целосно зависи од констелацијата, околностите или резултатот на изборите во македонскиот дел. Ако ги имаме потребните бројки за формирање на идната влада, не треба да се губи време. Треба да се фатиме за работа и да ги направиме најдобрите селекции за луѓето кои ќе не претставуваат во одредени ресори. Доволно е да имате професионалци, доволно е да имате луѓе кои ќе ги туркаат работите напред“, вели Ријад Шаќири.

На парламентарните избори Шаќири очекува коалицијата ВРЕДИ да освои три до четири пратеници во ИЕ два.