Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири најавува дека до второто полугодие ќе има решение за учебникот по Историја и општество за петто одделение во кој се констатирани низа грешки и нелогичности.
-До второто полугодие ќе имаме решение и ќе побараме од авторите да ги корегираат грешките. Ако се утврди дека грешките се повеќе од 30 проценти, ќе заземеме став. Очекуваме дали се само тие или има уште, рече министерот во гостување во емисијата 24 Анализа на Телевизија 24.
Министерството за образование и наука и Педагошката служба на 16 декември соопштија дека почнале процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот по Историја и општество за петто одделение.
-Преку Националната комисија за учебници како највисоко тело во процесот на одобрување на учебници, МОН веќе побара информации за работата на сите чинители во постапката за одобрување на конкретниот учебник и по добивањето на извештајот, министерот за образование и наука ќе даде конкретен предлог за понатамошно постапување, соопшти МОН.
Со реакција за учебникот денеска се огласи Здружението на историчарите на Република Македонија од каде најавија дека во најскоро време до Министерството за образование и наука ќе достават детална критичка анализа на учебникот, врз основа на која ќе се побара тој да биде повлечен од употреба, а целата Концепција за основно образование да се преиспита и за неа одново да се поведе реална јавна дебата.
– Како професионални историчари и членови на Здружението на историчарите на Република Македонија реагираме по повод објавувањето на учебникот по предметот Историја и општество за V одделение од авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, во кој се направени редица пропусти, и во содржинска и во концепциска смисла, и се наведени повеќе погрешни информации. Поради тоа сметаме дека доколку овој учебник се употребува во наставата, ќе му нанесе непроценлива штета на воспитно-образовниот процес и ќе влијае негативно врз развојот на учениците. Недозволиво е во XXI век, учениците да ги добиваат своите први сознанија, меѓу другото и од областа на историјата, од учебник што изобилува со погрешни информации и со неосновани констатации, се вели во реакцијата од Здружението на историчари на Република Македонија.