Шампионскиот појас на еден од најдобрите боксери на сите времиња Мухамед Али од легендарната борба со Џорџ Форман од 1974 година во Заир е продаден на аукција за 6.18 милиони долари.
Како што синоќа соопштија американските медиуми, најголем износ на аукцијата во Далас понудил сопственикот на НФЛ тимот Индијанаполис, Џим Арсеј, и шампионскиот појас на Али сега е во неговата лична колекција.
Појасот ќе биде изложен на 2 август во Чикаго, а на 9 септември во Индијанаполис.
Борбата меѓу Али и Форман од 30 октомври 1974 година во Киншаса, наречена „Татнеж во џунглата“ (Rumble in the Jungle), е една од најпознатите во историјата на боксот. Али во Заир го нокаутираше Форман во осмата рунда и ја врати титулата светски првак во тешка категорија.
Мухамед Али почина на 3 јуни 2016 година, на 74-годишна возраст, од компликации предизвикани од Паркинсонова болест, од која боледуваше последните три децении од животот.