На 5 октомври во Токио ќе се одржи натпревар во спиење, а победникот ќе освои награда од 13.000 евра.
Натпреварот „Метрејс бај Коала“, што го организира компанијата „Коала“, на најдобриот „спијач“ ќе му ја врачи посочената награда.
Натпреварувачите ќе лежат на специјално дизајнирани душеци со уреди за следење на сонот, а добиените резултати ќе бидат анализирани од врвни експерти, кои во текот на 90 минути ќе ја следат длабочината, квалитетот, стабилноста, како и времето што му е потребно на секој учесник да заспие.
Пред натпреварот, учесниците ќе поминат низ посебни подготвителни вежби, а секој од нив ќе добие и случајно избран предмет за спиење кој би можел да влијае врз резултатот. Со цел да има праведно натпреварување, учесниците не смеат намерно да спијат помалку пред натпреварот, ниту пак да бидат уморни со цел полесно да заспијат.
Покрај главната награда, организаторите ќе доделат и посебни признанија во неколку категории, меѓу кои се награда за најдлабок сон, но и признание за најнеобична положба на телото за време на спиењето.
Натпреварувањето ќе биде организирано во три термини. Во секој термин ќе учествуваат околу 20 натпреварувачи кои ќе бидат избрани по пат на лотарија. Со овој настан организаторите сакаат да се посвети повеќе внимание на проблемот со спиењето во Јапонија, кое е меѓу најкратките во светот.
– Долгото работно време и високото ниво на стрес со години се поврзуваат со недостиг на квалитетен сон, па поради тоа сакаме да потсетиме дека квалитетниот сон е важен дел од секојдневниот живот, велат организаторите.
За време на натпреварот ќе бидат воведени и непредвидени пречки за кои натпреварувачите нема да бидат известени.
На тој начин сакаме да дознаеме кој од натпреварувачите ќе успее да остане во длабок сон и покрај различните вознемирувања, објаснуваат организаторите, додавајќи дека очекуваат настанот наскоро да се претвори во вистинска натпреварувачка дисциплина.
Фото: Пиксабеј




