Во главниот град на Чешка денеска ќе се одржи неформален Самит на ЕУ, чиј фокус ќе биде одговорот на одлуката на Русија да припои четири украински региони. Освен тоа, шефовите на држави и влади на ЕУ ќе разговараат и за можностите за подобрување на заштитата на критичната инфраструктура, најави претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.
– Нашата приоритетна цел е да обезбедиме сигурност во снабдувањето и достапност на енергија за домаќинствата и бизнисите, имајќи ја предвид студената зима, напиша тој во повикот.
Тој посочи дека веќе донесените мерки треба да се анализираат и да се подготват понатамошни активности за добро координиран европски одговор.
Мишел, синоќа на крајот од Самитот на новата иницијатива – Европската политичка заедница, најави дека следниот домаќин на самитот на 44-те земји од Европа, без Русија и Белорусија, ќе биде Молдавија, потоа Шпанија и Велика Британија.
Шефовите на држави или влади на земјите од Европската унија, земјите-кандидати и соседите се согласија дека таквиот начин на средби и разговори за проблемите и соседната соработка, без агенда и без формални заклучоци на крајот, им одговара и дека самитите ќе продолжат.
– Нашата цел не беше да ги замениме институциите, ги има многу. Она што сакавме да го направиме е да создадеме простор за разговори, што не се врзани со потребата од донесување заклучоци и пазарење со зборови. На иста маса ги доведовме оние кои инаку не би се сретнале. Средбата се одржа во критичен момент за континентот, бидејќи стабилноста и безбедноста на Европа се загрозени поради руската агресија, изјави домаќинот на Самитот, чешкиот премиер Петр Фијала.
Чешкиот премиер рече дека државниците разговарале за миграцијата, безбедноста и енергетиката и оти разговорите ќе продолжат на следниот самит во Кишињев, а му се заблагодарил на францускиот претседател Емануел Макрон што ја дал идејата за Европска политичка заедница.
– Можеме да разговараме за заедничките проблеми. Многу е важно што разговаравме за кризите што го засегаат континентот, кризата на Балканот и тензиите на Медитеранот. Го претставивме единството на 44 земји кои јасно кажаа дека ја осудуваат руската агресија, а тоа е многу вредно. Таа порака е единство, рече францускиот претседател Макрон на прес-конференцијата по Самитот. Идејниот творец на Европската политичка заедница оцени дека првиот самит на ЕПЗ бил успешен.