Руската војска денеска соопшти дека сега ќе се фокусира на „ослободување“ на источна Украина, порачувајќи дека ги исполнила првичните цели на инвазијата врз Украина која започна на 24 февруари.
– Борбените способности на украинските сили се значително намалени, што ни овозможува (…) да се фокусираме најмногу на главната цел: ослободување на Донбас, изјави заменик началникот на Генералштабот на руската армија Сергеј Рудској.
Министерството за одбрана соопшти дека Русија разгледува две опции, едната да ја покрива цела Украина, а другата е насочена кон Донбас.
Ова укажува на можноста за намалување на воените цели на Русија.
Тој истакна дека 93 отсто од територијата на регионот Луганск и 54 отсто од територијата на регионот Доњецк се под руска контрола.
– Русија уништи огромен дел на воздухопловните сили и морнарицата на Украина, што значи успешно завршување на првата фаза од конфликтот, додаде Рудској.
Сепак, Министерството за одбрана не ја исклучи можноста за напад врз украинските градови кои беа блокирани и додаде дека Русија веднаш ќе реагира на секој потег за затворање на воздушниот простор над Украина, на што претседателот Володимир Зеленски постојано повикуваше.
Руското Министерство за одбрана, исто така, најави дека инвазијата ќе продолжи се додека не се постигнат целите што ги постави претседателот Владимир Путин, но не прецизираше за кои цели станува збор.