Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска ги посети американските војници стационирани во Жешов, место во југоисточна Полска, кои таму пристигнаа за засилување на Источното крило на НАТО и притоа им се заблагодари за одбраната на демократијата од автократите.

-Вие сте одлична група жени и мажи. Сакам да ви се заблагодарам што се жртвувавте. Мојот син беше во Ирак и шест месеци на Косово. Беше горд на униформата што ја носеше. Тој волонтираше, како и вие, изјави Бајден пред војниците на почетокот на дводневната посета на Полска.

Бајден на американските војници од 82-та воздушна дивизија им кажа дека сега влогот е кој ќе триумфира, демократијата и нејзините вредности или автократите.

-Ние сме среде војна меѓу демократијата и олигархијата. Сè се менува. Демократијата бара консензус. Она што го правиме не е само одбрана на Украина, ние се бориме за тоа како вашите деца и внуци ќе ја видат слободата. Во последните 10 години гледаме огромно намалување на бројот на демократиите. Ова е момент на тестирање, рече Бајден.

Американскиот претседател додаде дека генерацијата од која сега се војниците се наоѓа на пресвртница.

-На секои четири или пет генерации доаѓа моментот кој суштински менува сè. Светот веќе нема да биде ист. Прашањето е кој ќе триумфира, демократијата и вредностите или автократите, рече Бајден.

И полскиот претседател Анджеј Дуда, кој задоцни на средбата со Бајден поради техничките проблеми со неговиот авион, што мораше да се врати во Варшава, за подоцна да пристигне со резервен, попладнево се наоѓа во Жешов , но на средба со полските војници.

Бајден и Дуда чекаат на разговори со претставници на хуманитарни организации кои се занимаваат со прием и помош на бегалците од Украина. Полска прими повеќе од два милиони украински бегалци.

Претседателите на САД и Полска вечерва се селат во Варшава, каде Бајден утре ќе го има главниот дел од програмата. Тој ќе има билатерални разговори во Варшава, ќе го посети Националниот стадион, каде што се регистрирани украинските бегалци, а во Кралскиот замок ќе им се обрати на Полјаците и Европејците.