Украина следната недела ќе почне консултации со САД за безбедносните гаранции за Киев до крајот на процесот за пристапување во НАТО, изјави денеска шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.
– Почнуваме преговори со САД следната недела, напиша Јермак на Телеграм.
Тој додаде дека безбедносните гаранции за Украина ќе бидат „конкретни и долгорочни обврски кои ќе и овозможат на Украина да ја порази и да ја ограничи руската агресија во иднина“.
– Тоа ќе бидат јасно дефинирани формати и механизми за поддршка, рече Јермак, додавајќи дека гаранциите ќе важат додека Украина не стане членка на Алијансата.