Вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска на денешниот форум истакна дека после две години по формирањето Владата и нејзините членови и државата во целина успеале да ја одиграат улогата на „гејм ченџер“ не само во врска со нашата иднина туку и со правецот кој треба да тргне целиот наш регион.
Пред само две години, додаде таа, граѓаните и политичарите не можеа да изговорат членство во НАТО.
– Денеска две години по формирањето на оваа Влада како држава можеме да кажеме дека направивме правилна и вистинска проценка и го сработивме тоа што беше неопходно – внатрешни реформи во комбинација со регионални решенија. Успеавме да станеме единствената држава во нашиот регион која нема ниту едно отворено прашање со своите соседи и тоа да го водиме паралелно со тешки, непопуларни, захтевни, понекогаш и скапи реформи, рече Шекеринска. Денеска, додаде таа, „сме држава со потпишан Протокол за пристапување кон Алијансата, де факто членка на Алијансата, а де уре членка се надеваме во период покус од една година“. Тоа, според неа, веднаш создаде позитивна инвестициска и економска клима. Потсети дека протоколот за НАТО е ратификуван во голем број земји членки на НАТО, дека следниот месец се најавени уште и оти нашиот стратешки партнер САД, како што кажа, тоа го најави за оваа есен.
Министерката за одбрана истакна дека точни проценки и вистински политики имало и во делот на одбраната.
-Во МО го рестартиравме процесот на одбранбени реформи. Од нула го почнавме и го финиширавме стратегискиот одбранбен преглед за нецела година, ја изработивме стратегијата за одбрана, а Владата веќе го усвои долгорочниот план за развој на одбраната заедно со план за модернизација на вооружените сили, стратешки документи кои доцнеле неколку години, рече Шекеринска.
Министерката се осврна на кадровските решенија, како и на зголемување на платите во Армијата, а од септември и за нив и за сите во МО платите ќе бидат зголемени за уште пет отсто. Организирани се четири регионално важни воени вежби, изработена временска рамка и точен патоказ за обезбедување на воздушниот простор како идна членка на НАТО…
-Денеска попладне во Скопје ќе пристигне комплетниот воено-политички врв на НАТО предводен од генералниот секретар на Алијансата, утре ќе имаме важни разговори за нас, за нашето членство, за нашата иднина. Тоа пред две години беше само илузија. За приближно две недели од сега еден од најсофистицираните одбранбени и воени капацитети на НАТО суперсоничниот Б – 52 воен авион ќе ја надлета нашата земја салутирајќи и на својата најнова членка. Тоа што сме одбрани да бидеме земја домаќин на една голема воена вежба како „Одлучен удар“ во која ќе учествуваат не само НАТО сили туку и сериозни НАТО капацитети зборува исто така каде бевме а каде сме денес, рече министерката за одбрана Шекеринска.