Одбраната на ЕУ е од големо значење за Европа и за европската безбедност, но исто така и за НАТО, бидејќи таа е нераскинливо поврзана со трансатлантската безбедност, порача денеска заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска во обраќањето на Годишната конференција на Европската безбедносна агенција во Брисел.

– Како некој што доаѓа од С. Македонија, и не е „инсајдер“ во ЕУ, може да се запрашате дали сум најкомпетентна да зборувам за соработката НАТО-ЕУ. Но, особено имајќи го предвид моето национално потекло, верувам дека мојата земја точно покажува колку е важна, вредна и корисна соработката на НАТО и ЕУ, рече Шекеринска.

Според Шекеринска, блиското партнерство меѓу НАТО и ЕУ е од непроценлива важност не само кога станува збор за поддршка на Украина, туку и за обнова на трансатлантската одбранбена индустриска база и за зајакнување на отпорноста.

– Нешто кон што ќе се стремам во мојата работа како заменичка генерална секретарка на НАТО е да ги натерам двете организации да соработуваат уште поблиску. Затоа сум денеска овде со вас. Да ја испратам оваа порака и да кажам дека ова партнерство НАТО-ЕУ е од големо значење за генералниот секретар, Марк Руте. Тој е во редовен контакт со неговите колеги низ институциите на ЕУ, рече Шекеринска.