Колекторот за заштита на Охридското Езеро од денеска повторно е ставен во функција. Санацијата отпочната во декември минатата година е целосно завршена, со средства обезбедени од Владата која целосно ја презеде обврската за репарирање и одржување на системот од исклучителна важност за физичка заштита на Охридското Езеро.
Тоа денеска од Охрид го соопшти министерот за одбрана Радмила Шекеринска и носител на листата во 5 ИЕ на Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ.
– Санацијата на Колекторскиот систем е прашање што 11 години беше ставано под тепих, Охридското Езеро беше заборавено. Ние ја покажавме решеност да го задржиме УНЕСКО статусот на Охрид, демонстриравме решеност да вложуваме во заштитата на животната средина, истакна Шекеринска.
Таа посочи дека власта предводена од СДСМ затекнала ситуација на запуштен систем, затнат бетонски цевковод, со повеќе од 15 неисправни препумпни станици.
– Наместо да ги критикуваме претходниците што ништо не направиле, ние решивме да дејствуваме. Од почетокот на мандатот Владата во целост ги покри долговите во износ од неверојатни седум милиони евра кон ЕВН. Државата целосно ги презеде гаранциите за неплатениот кредит од 280 милиони денар што беа обврска на Охрид и Струга, а дополнително обезбедивме 4,2 милиони евра за целосна санација на Колекторскиот систем. Таа санација за спас на езерото успешно е реализирана, рече Шекеринска.
Со санацијата се прочистени километри од цевководот, инсталиран е внатрешен слој на три километри цевки на најкритичните делови од системот, а целосно се репарирани се 18 препумпни станици, вклучувајќи ја и влезната пумпа во пречистителната станица. Според податоците, од критичните точки на системот во езерото и во Црн Дрим дневно се излевале осум илјади метри кубни фекалии.
Шекеринска уште потсети и на активностите што се спроведуваат за ослободување на крајбрежјето на езерото од дивоградби.
– Ние ставивме точка на таквото однесување, покажавме дека грижата кон нашето национално богатство нема алтернатива, рече Шекеринска.
Во рамки на денешната посета на Охрид таа оствари средба и со раководството на Хидробиолошкиот завод, како и со управата на охридски „Жито леб“.