Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и помошникот на секретарот за одбрана на САД за меѓународни безбедносни прашања, Мара Карлин, во Скопје и во Вашингтон го потпишаа новиот Меморандум за соработка во одбраната помеѓу Македонија и САД.
На потпишувањето на Меморандумот во Министерството за одбрана присуствуваше амбасадорката на САД, Кејт Брнз.
Новиот Меморандум ја отсликува исклучително блиската одбранбена соработка помеѓу двете земји која низ последните години стануваше сè поинтензивна и го заменува постојниот Меморандум за соработка кој беше потпишан во далечната 1994 година, соопшти Минитсерството за одбрана.
Меморандумот најавува унапредување на стратешкото партнерство преку заеднички обуки и вежби, унапредување на можностите за борба против тероризмот, поинтензивна размена во професионалното воено образование, како и подобрување на интероперативноста.
По потпишувањето на Меморандумот, Шекеринска и Карлин, во телефонски разговор се согласија дека Меморандумот е доказ за взаемната посветеност на развивање на соработката во одбраната на билатерално ниво, но и како земји – сојузнички во НАТО. Во разговорот беше изразено задоволство од зголемената соработка меѓу Македонија и САД во поглед на модернизацијата и опремувањето на Армијата, заедничките обуки и вежби, заедничкото учество во НАТО мисиите и соработката во развој на полигонот Криволак во НАТО капацитет. Во пресрет на 27 март, министерката Шекеринска од високата претставничка на Пентагон, Карлин, доби честитки за претстојната годишнина од зачленувањето на Македонија во НАТО.
Одбранбената соработка помеѓу Македонија и САД е пример за стратешка соработка помеѓу две земји кои денеска се и сојузници во НАТО. САД се едни од најголемите поддржувачи на развојот на македонските вооружени сили последните скоро три децении. Во овој период, преку програмата за меѓународна воена помош, нашите вооружени сили од САД добија опрема во вредност од над 150 милиони долари. Преку програмата за тренинг и едукација, на високите воени школи и центри за обуки во САД, школувани се над 800 припадници на Армијата и вработени во одбраната.
Пример за исклучително високото ниво на доверба помеѓу армиите на двете земји е заедничкото учество во мировни мисии, како мисијата „Слобода за Ирак“, мисијата ИСАФ во Авганистан каде во наменската операција „Феникс“ војници на Армијата беа распоредени во тимови заедно со припадници на Националната гарда на Вермонт со која интензивно соработуваме веќе 27 години, како и мисијата „Одлучна поддршка“ која е во тек.
Во втората половина од мај годинава ќе се одржат билатерални одбранбени консултации меѓу одбранбени експерти од Министерството и Пентагон, кои ќе бидат уште една можност за размена на нови иницијативи, се наведува во соопштението од МО.