Погледот од врвот на Галичица кон двете езера симболички кажува дека тој ни е насочен кон двете стратешки цели – кон членството во ЕУ и кон членството во НАТО, изјави денеска на врвот Лако Сигној на Галичица министерката Радмила Шекеринска која ја предводеше планинарската тура „Две езера – две стратешки цели – ЕУ и НАТО“, што повод Денот на независноста ја организираше Министерството за одбрана.
– Пред две години кога прв пат Министерството за одбрана организираше ваков марш во Крушево, целта ни беше да порачаме дека доколку знаеш која е заедничката цел, ако знаеш како да се организираш, ако си доволно трпелив и упорен без откажување од патот, дури и високите врвови не се недостижни. Пред две години членството во НАТО навистина изгледаше недостижно, но еве една од нашите главни стратешки цели е на дофат, не делат практично неколку недели, месеци. Со истата сила, истата енергија, упорност и знаење сега се свртуваме кон другата цел, почеток на преговори во ЕУ, рече Шекеринска.
Таа ја искористи можноста да истакне дека остварувањето и на двете цели не е лесно, како впрочем и искачувањето на самата Галичица, но погледот на двете езера остава без здив, така е големо и задоволството, сатисфакцијата кога ќе се постигнат резултати.
– По повод Денот на независноста сакаме оттука да ја испратиме пораката до целата таковина, дека трудот се исплаќа. Вложувањето, енергијата, упорноста возвраќаат со резултати. Убедена сум дека членството во НАТО ќе биде дополнителен ветар во едрата на нашите ЕУ планови, рече министерката Шекеринска.
Дел од празничната планинарска тура беа припадници на Армијата, како и градоначалниците на Охрид и Ресен, амбасадори во земјата, одбранбени аташеа во дипломатско-козуларните преставништва, планинари, граѓани.
Шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија, Зоран Јанковиќ од своја страна потсети дека државата од прогласувањето на независноста во 1991 година минала тежок пат.
– Симболиката на оваа искачување говори дека тој пат воопшто не беше лесен. Имавте конфликт во 2001 година решен со Охридскиот рамковен договор, а во 2017 година од другата страна на езерото го потпишавте Договорот од Преспа со Грција и на тој начин ги отворивте вратите кон НАТО и ЕУ. Алијансата е блиску со вас и се надеваме дека наскоро ќе бидете 30-тата членка на НАТО, и затоа би ја искористил можноста да им го честитам празникот на граѓаните на земјата со желби за напредок во иднина, рече Јанковиќ.
Амбасадорката на САД, Кејти Мери Брнс изрази задоволство што е дел од овој марш, како начин на прославување на Денот на независноста во природа.
– Ова е извонредна можност претставници на заедниците на НАТО и на ЕУ да бидеме сите тука заедно, и со своето присуство да ја изразиме нашата поддршка на Македонија, како и да го прославиме празникот, рече Брнс.
Францускиот амбасадор Кристиан Тимоние во кусата изјава ја поздрави ваквата идеја за прославување на празникот, за која оцени дека ги отсликува заложбите за мир, за надеж и заедничка подобра иднина за сите.