Повторно сме на „Криволак“ да покажеме зошто и како можеме да го користиме и зошто е неопходен овој армиски капацитет. Ако „Криволак“ е хардверот кој ни обезбедува дополнителни ресурси кои ги користиме и дома, но и како НАТО ресурси, денеска овде може да видиме како овој хардвер обезбедува унапредување на нашиот софтвер, а тоа е унапредување на нашиот персонал кој е практично нашата влезница и нашата обврска кон НАТО алијансата.

Ова денеска го изјави министерката Радмила Шекеринска која денеска заедно со британската амбасадорка Рејчел Галовеј присуствуваше на изведување на дел од заедничка обука на припадници на Армијата со мобилен тим за обука од Обединетото Кралство на армискиот полигон „Криволак“. Припадниците на Армијата од 1. пешадиска чета од Лесната пешадиска борбена група, на „Криволак“ изведуваат колективна обука под менторство на мобилен тим за обука од Обединетото Кралство.

– Согласно одлуките и во изминатиов период, Лесната пешадиска борбена група ќе биде нашиот капацитет кој ќе стане НАТО капацитет заедно со една друга група на структури како што се специјалните сили. И оваа структура се обучува со директна поддршка на нашите сојузници, партнери а тоа е Обединетото Кралство. Веќе оваа година заедно со тимовите од Обединетото Кралство токму припадниците на Армијата и на оваа структура, работеа на поединечна обука, поединечен тренинг, а сега започна и со денешниот настан колективниот тренинг кој ќе даде шанса на нашата НАТО формација практично да ги стигне стандардите кои се очекуваат од една НАТО членка, рече Шекеринска.

 

Посочи дека Лесната пешадиска борбена група е лоцирана во Штип и тоа ќе биде главниот фокус во 2021 година – како да го обезбедат неопходниот персонал, како да ја обезбедат потребната обука и како целосно да обезбедат опрема која соодвестува на стандардите. Таа се заблагодари на сериозната континуирана и конзистентна поддршка која во делот на одбраната ни ја дава Обединетото Кралство.

– Јас сум убедена дека во 2022 година РС Македонија ќе го обезбеди тоа што го декларираше како свој НАТО ресурс и обврските кои ги презеде како НАТО земја членка. Овие момци и девојки денеска не убедија дека ја имаат и енергијата и желбата и мотивот да ги постигнат, да ги потврдат и докажат неопходните стандарди, потенцира Шекеринска.

Британската амбасадорка Галовеј посочи дека оваа заедничката обука е продолжение на долгогодишната поддршка и показател на блискоста на билатералните безбедносни односи меѓу Македонија и Обединетото Кралство.

– Тимот за обука на Обединетото Кралство е тука да ја поддржи обуката на младите армиски лидери. Воениот полигон „Криволак“ претставува извонреден капацитет не само за С. Македонија туку и за регионалните партнери. Неговата важност е нагласена со инвестициите во капацитетите за обука, како и инфраструктурата и железничката патна инфраструктура. Тоа нуди одлична можност за партнерите од регионот да изведуваат комплексни вежби со користење на капацитети од светски рамки. Обединетото Кралство ја поддржува С. Македонија во процесот на модернизација на нејзините вооружени сили и придонесува за регионалната безбедност, рече Галовеј.