И кога гледам дека уште нема пресуда за главните организатори се нервирам, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска во емисијата Клик плус на ТВ 21, говорејќи за случајот „27 април“.
Шекеринска рече дека уште не може да поверува дека „ни се случи насилство на 27 април“.
И кога гледам дека уште нема пресуда за главните организатори се нервирам. Која е казната, не само на оние кои влегоа во парламентот за да не убијат, туку за оние кои ги убедиле, ги организирале и им преставиле дека насилството е легитимно, рече Шекеринска.
Таа нагласи дека пред 27 април „цело време се поттикнувала атмосфера на омраза и насилство“ и направи споредба со настаните во Вашингтон.
-Денес во САД сите кои мислат во иднина да се занимаваат со политика излегоа и се оградија од насилството и затоа ВМРО-ДПМНЕ треба да му се извини на народот затоа што ја туркаа државата во граѓанска војна, рече министерката за одбрана.
Според неа, „ВМРО ДПМНЕ е единствена партија која не успева да се погледне во огледало и не побара прошка од граѓаните за тоа дека државата ни ја туркаа во граѓанска војна“.