Македонија и Албанија се цврсто насочени кон подобрување на меѓусебната соработка и во областа на одбраната, констатираа на денешната прес-конференција министерките за одбрана наМакедонија и на Албанија, Радмила Шекеринска и Олта Џачка, која престојува во официјална посета на Министерството за одбрана.
– Со членството на Северна Македонија во НАТО регионот станува многу побезбеден и постабилен, а иднината заедно ја гледаме со повеќе оптимизам. Сепак, има уште многу работа за да ги европеизираме нашите земји и да ги оствариме нашите стратешки цели за членство во ЕУ, гласи констатацијата на двете министерки за одбрана.
Според Шекеринска, Албанија отсекогаш била добар сосед и пријател, но почнувајќи од оваа година, рече, очекуваме да биде и наш сојузник и партнер како дел од НАТО.
– Оваа година и изминатата не само зборовите, туку и делата покажаа дека нашите две земји се вистински пријатели, знаат во најважните моменти да си дадат целосна поддршка, изјави Шекеринска нагласувајќи дека на 14-ти февруари Албанија како трета земја, по Грција и по Словенија го ратификуваше пристапниот Протокол за членство во НАТО.
Фактот дека првите наши соседи – Грција, Албанија, Бугарија и Словенија први го ратификуваа Протоколот за членство во НАТО, потенцира таа, покажа дека НАТО вредностите се и наши вредности, знаеме да соработуваме, да се почитуваме и да си даваме поддршка.
– Членството во НАТО го заслуживме и го сработивме, но факт е дека тука Република Северна Македонија не запира. НАТО го гледаме како шанса за подобар живот на сите граѓани, за подобра економија и како шанса за подобри институции, изјави министерката Шекеринска.
Наведе дека во последните истражувања на принципите на транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки, МО е оценето како институција која забележува најбрз напредок во последната година односно успеа да се пласира во првите три по транспарентност, отчетност и интегриотет во делот на јавните набавки. Покажуваме на овој начин, истакна Шекеринска, дека не очекуваме членството во НАТО да ги подигне страндардите, туку само да ни помогне во нашата клучна политика како државата да ја направиме подобра.
Информира дека припадниците на АРМ ќе бидат дел од мултунационалната вежба што годинава ќе се одржи во Албанија, а ќе учествуваат и во иницијативата Јадранска соработка – САД, со која ќе претседава Албанија. Во рамки на оваа иницијатива, информира Шекеринска, ќе соработуваме преку заедничко учество во мисијата „Одлучна поддршка во Авганистан“.
– Стабилноста и безбедноста на Република Северна Македонија, Албанија ја гледа како како главен услов за безбедност на целиот регион, изјави меѓу другото министерката за одбрана Џачка.
Изрази задоволство за, како што рече, западната визија што кулминираше со потпишување на Преспанскиот договор и го истакна задоволството за храброста, во текот на деликатните ситуации за договорот со Грција, но, подвлече и за Законот за употреба на јазикот, како важни одлуки кои бараат храброст и добро лидерство.
– Создадени се услови и добра клима за имплементација на Охридскиот договор, како еден од главните услови за имнтеграција на вашата земја во евроатлантските структури, за што ќе ја добие нашата поддршка, рече Џачка.
Албанската министерка за одбрана оцени дека и во двете земји има сили кои за свои тесни интереси се подготвени да ја загрозат стабилноста и европската интеграција
Инаку, по церемонијата за пречек пред Министерството за одбрана, Шекеринска и Џачка имаа тет-а-тет средба, по што се сретнаа и со премиерот Зоран Заев.
Министерката за одбрана на Албанија, Џачка ќе се сретне и со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.