Само пред една година влезот на мојата земја во НАТО беше незамислив и за многумина дури и невозможен, рече денеска министерската за одбрана Радмила Шеќеринска.
– Но, сепак се случи. Меѓународната заедница ја препозна одговорноста и храброста на владите на двете земји и им даде силна поддршка. Со влезот на Република Северна Македонија во НАТО е разрешено едно од најважните безбедносни прашања во регионот со што значително се засилува безбедноста во овој дел на Европа, рече Шекеринска на денешниот панел „На вратата на НАТО: Осврт на актуелните предизвици во проширувањето“ што се одржа во рамки на Минхенската безбедносна конференција.
Шекеринска истакна и дека со влезот на нашата земја во НАТО значително се засилува безбедноста на овој дел од Европа.
Двете влади, според неа, покажаа дека разликите меѓу државите најдобро се решаваат низ политички дијалог и договор.
Членството во НАТО, оцени Шекеринска, ја става Северна Македонија на мапата на сигурни и безбедни бизнис дестинации и отвора нови можности за домашната економија.
– Очекуваме оваа и следната година НАТО интеграцијата да има позитивно влијание врз економскиот раст на нашата земја, нагласи министерката.
Таа вечерва ќе присуствува на свечената церемонија на доделување на наградата „Евалд фон Клајст“ на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас што ќе се одржи на гала вечера чиј домаќин ќе биде премиерот на Баварија.
Министерката Шекеринска имаше и повеќе билатерални средби со министрите за одбрана на Италија, Германија, Финска и Холандија. На средбите беше поздравен влезот на нашата земја во Алијансата и беше потврдена соработката на планот на одбраната и безбедноста. Шекеринска се сретна и со еврокомесарот Јоханес Хан кој упати честитки за учеството на министерката на состанокот на министри за одбрана кое беше прва шанса да седнеме на иста маса со НАТО сојузниците.