Во Охрид се гради по план и се решаваат значајни проблеми одлагани со децении, истакна денеска носителката на листата на Коалицијата „Можеме“ во Петтата изборна единица, Радмила Шекеринска.
Вицепремиерката беше во обиколка на неколку локации низ Охрид, каде се реализираат градежни активности и инфраструктурни проекти.
– Тоа покажува дека многу е важно централната и локалната власт добро да соработуваат, за потребите на граѓаните, но важно е да се знаат приоритетите, да се инвестира во инфраструктурни проекти и, можеби најважно, да се гради по план. Во Охрид се гради по план и се решаваат значајни проблеми одлагани со децении, истакна Шекеринска при увидот на реконструкцијата на улицата „Абас Емин“, една од позначајните сообраќајни артерии во градот.
Улицата „Абас Емин“ целосно се реновира, со средства обезбедени од општинскиот буџет и со финансиска поддршка на ЕБРД, проект со вкупна вредност од 45 милиони денари. Предвидено е за околу една година целосно да биде реконструирана таа сообраќајница, со поставен нов цевковод за атмосферска и фекална канализација, нова водоводна мрежа, како и површинско уредување со асфалт и тротоари.
– Проектот беше ветуван многу години, а на чија реализација се чекаше децении. Затоа денеска навистина ми е задоволство што сум тука, што можам да видам како локалната самоуправа и буџетот работат во полза на граѓаните. Денеска ќе видиме четири инфраструктурни проекти кои се градат во Охрид и кои ќе значат подобар квалитет на живот во градот, и тоа сработено по план, рече Шекеринска.
Шекеринска и градоначалникот Константин Георгиески посетија и други локации во Охрид каде се вршат градежни активности – реконструкција на улицата „Охридска бригада“, улицата „Прва Македонска ударна бригада“, неколку сервисни улици во населбата „Христо Узунов“ и пробивање на улицата низ поранешната касарна во градот.
Како што е многупати објавувано досега, поради многу дивоградби и узурпации во Охрид, во прашање беше доведен статусот на градот во зашитата од УНЕСКО.