Командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација, генерал Филип Лавињ, како дел од агендата за воено интегрирање на Република Македонија во структурите на НАТО, кое формално ќе се означи со денешното потпишување на Заедничката декларација за интеграција, претпладнево се сретна со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Како што соопштија од ГШ, по церемонијата за прием со воени почести пред Министерството за одбрана, генералот Филип Лавињ најпрвин се сретна со генералот Ѓурчиновски со кого разговарале за активностите кои ги спроведува Армијата во процесот на трансформација и достигнатото ниво на подготвеност во исполнувањето на НАТО – целите на способности.
Од страна на генералот Ѓурчиновски, за време на разговорот, е истакнато дека Армијата на Република Македонија во изминатиот период работеше напорно и во континуитет во насока на исполнување на задачите од армискиот дел во интегративниот процес, како и во унапредување на постигнатите НАТО стандарди и критериуми.
Министерката Радмила Шекеринска за време на средбата се заблагодари на генералот Лавињ, кој како командант на Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација пристигна во Скопје за да се финализира процесот на интеграција. Шекеринска, се посочува, кажа дека за Македонија е гордост што успешно го заврши интегративниот процес, истакнувајќи дека земјата ќе продолжи со посветеност да учествува во процесите на трансформација кои континуирано се одвиваат во НАТО и со тоа да придонесува во заедничките одбранбени способности на Алијансата.
Генералот Лавињ кој во текот на вчерашниот ден за време на финалната интегративна конференција истакна дека чинот на формално воено интегрирање претставува успех не само за Македонија туку и за НАТО, во текот на денешните разговори го истакна значењето на денешното потпишување на Заедничката декларација за интеграција, кое не само што претставува важно достигнување на одбранбените способности, туку и го потврдува зајакнувањето на Македонија како доверлива и важна членка на Алијансата, земја членка која е подготвена и способна да ја прилагоди својата одбранбена структура и сили.
За време на оваа историска посета на Македонија со која се означува потполната интеграција во НАТО, генералот Лавињ по средбите во Министерството за одбрана и Генералштабот се сретне и со претседателот на Владата, Зоран Заев и со претседателот на Македонија и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски.
По планираните состаноци со претседателот на Владата Зоран Заев и претседателот на државата Стево Пендаровски ќе се реализира свечена церемонија за потпишување на Заедничката декларација, на која по обраќањето на првите луѓе во одбраната и командантот на Сојузничката команда за трансформација, генералите Ѓурчиновски и Лавињ ќе ја потпишат Заедничката декларација со која и формално Македонија ќе биде целосно воено интегрирана во НАТО – Алијансата.