Законот важи за секој и никој од нас нема да очекува, ниту пак ќе добие политичка заштита, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната заедничка прес-конференција со командантот на Националната гарда на Вермонт полковники Грегори Најт.
-Оваа држава се промени и во оваа држава кога ќе се појават снимки никој не тврди дека се лепени, сечени и монтирани. Оваа држава се промени и кога ќе се види криминал институциите реагираат. Кога за првпат излегоа некакви информации премиерот беше тој што ги информира надлежните институции и двајца се во притвор. Кажавме дека од прв до последен не сме заштитени. Покажавме дека никого не штитиме, туку дека дозволивме, дозволуваме и ќе овозможиме сите институиции да спроведат целосна истрага, никого да не го спасуваат и никого да не го штитат. Законот важи за секој од нас посебно и ние сите им даваме поддршка и очекуваме сите други институции да си ја завршат својата работа. Никој од нас нема да очекува, ниту пак ќе добие политичка заштита, рече Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање во врска со повикот на претседателот Стево Пендаровски сите поврзасни со случајот „Рекет“ самостојно да се пријават во Јавното обвинителство и да дадат исказ.
За барањето за политичка одговорност, таа посочи дека тоа не треба да се поистоветува со Владата, која вели, не е единствената која што има политичка одговорност, туку секој оној кој бил вмешан и овозможил да дојде до ваков криминал ќе ја носи одговорноста за која граѓаните очекуваат не да биде политичка, туку и кривична.
-Тоа е прашање во однос на кое оваа Влада нема да прави компромис, подвлече Шекеринска.
Запрашана во однос на ранливоста на нашата армија и држава на сајбер криминалот, министерката за одбрана рече дека тоа не е нешто што е типично само за нас и дека слабости во однос на новите закани се забележани кај сите држави како нов тип на загрозување на системот и на институциите.
-Кога стануваше јасно дека има шанса да ја добиеме поканата за НАТО и тогаш најавив и сега кажав дека има многу луѓе во државата, меѓутоа и надвор од државата коишто сметаат дека треба да направат се за нашата држава да не стане членка на НАТО и да не почне преговори со ЕУ. Наш стратешки интерес е да не дозволиме да успеат во таа намера. Заради тоа ни се потребни силни институции, потребни ни се политичари кои нема да прават компромиси со правната држава. Тоа е еден дел од силата која што нашата држава мора да ја покаже. Напади ќе има, но ние ќе покажеме дека нашите институции и нашата држава е силна и дека ќе ги преживее тие напади и дека ќе станеме членка на НАТО. Тоа е наша одговорност како Влада, а тоа е наша одговорност и како граѓани на земјава, рече Шекеринска.
На новинарско прашање дали е можно случајот „Рекет“ да донесе нови конотации во преговорите со опозицијата особено со нивното барање за предвремени избори, првиот човек на Министерството за одбрана со став дека преговорите со опозицијата се одвиваат веќе предолго време по однос на Законот за Јавното обвинителство кое, вели е клучно прашање за нас, за граѓаните и за преговорите со ЕУ и при тоа ја повика опозицијата да покаже одговорност.
-Секој оној кој сака да помогне да се расчисти случајот, кој сака да помогне во барањето на одговорност на сите коишто го прекршиле законот и биле вмешани во криминал и корупција треба таа поддршка да ја покажат на највидлив начин – со поддршка на закон со кој ќе се формира Јавно обвинителство за борба не само против организиран криминал, туку и висока корупција, и нема да се занимава само со поранешни случаи, туку и со актуелни случаи. Да имавме што да сокриеме и да сакавме да правиме компромиси со борбата против корупцијата немаше да бидеме заинтересирани за ваков закон и за вакви обвинители. Меѓутоа ние покажавме дека со ова не правиме компромис. Очекуваме, бараме и повикуваме опозицијата да покаже дека и таа ја носи одговорноста и да поддржи закон со кој ќе создадеме силно обвинителство за борба против високата корупција. Само на таков начин ќе покажат дека се и за државата и за нашето членство во ЕУ, посочи министерката за одбрана Шекеринска.