Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска коментирајќи ја најавата на премиерот Зоран Заев покрај премиерската функција да биде и министер за финансии изјави дека често се случува премиери да се одлучат да извршуваат и министерска функција кога сакаат да стават особен акцент на одредени прашања.
Според Шекеринска, не е ниту првпат, ниту последен пат премиер да извршува и министерска функција и вакви примери имало во Грција, а во моментот таков е примерот со Нов Зеланд.
– Тоа е пораката која ја испрати премиерот, односно дека во ситуација кога ги покажавме резултатите на интергациски план – стануваме членка на НАТО и ќе ги почнеме преговорите со Европската Унија, главниот фокус да биде ставен на економијата. Пораката која ја добивме од граѓаните е дека сега ни требаат повеќе резултати во делот на економскиот раст и оваа порака од премиерот е порака до граѓаните дека главниот фокус на премиерот ќе биде токму економијата, изјави Шекеринска, одговарајќи на новинарски прашања.
Во однос на предлогот актуелниот министер за животна средина Садула Дураку во иднина да раководи со новото Министерство кое треба да го замени Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, вицепремиерката Шекеринска посочи дека по критиките од јавноста дека тој не е добар министер за екологија, како Влада сметале дека треба во овој ресор да внесат нова енергија, нов човек и посилна политика.
Таа ги отфрли шпекулациите дека назначувањето на Дураку е направено под притисок на ДУИ.
– Во однос на коалициските преговори, кажавме уште од почетокот дека не зборуваме со уцени и не дозволуваме некој со уцени да настапува кон нас, изјави Шекеринска по денешната завршна дискусија за Националната стратегија за развој на концептот едно општество и интеркултурализамот.