Министерката за одбрана Радмила Шекеринска очекува утре на седница на Влада да се дискутира за дел од прашањата поврзани за добивање, пристигнување и исполнување на условите во однос на вакцините од КОВАКС механизмот.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа посочи дека се додека не добијат информации и владините министри, за сите овие прашања да се комуницира со институциите задолжени за тоа, потенцирајќи дека нема понови информации од она што е познато во јавноста.
– Знам уште од претходно дека сите услови кои се побааруваа во делот на КОВАКС механизмот како држава одамна ги исполнивме. Уште во самиот почеток на овие подетални разговори околу користење на мехнизмот бевме посочени како држава која ги исполнува условите, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Таа ова го кажа по денешната промоција на новиот софтвер за тестирање на знаењата на англискиот јазик на припадниците на Армијата и вработените во одбраната, согласно НАТО стандардот – СТАНАГ во Центарот за обука „Д-р Џозеф Крузел“ во скопската касарна „Гоце Делчев“.
Инаку овие вакцини премиерот Зоран Заев и повеќе министри од неговата Влада ги најавуваат уште од лани.