Сериозно ќе ја разгледаме иницијативата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори, има многу аргументи и во полза на таквата иницијатива, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
Според Шекеринска, ВМРО-ДПМНЕ ја изнеле иницијативата веднаш по гласањето во Собранието за уставните измени за Преспанскиот договор со што сакале да ја сменат темата и да се заборави дека Македонија успеала да реши еден проблем.
– Сакаат помалку да ја сменат темата, бидејќи не им одговара. Темата покажува дека ако сакаш нешто да се реши ќе го решиш, ако сакаш да ја ослободиш државата од изолација ќе ја ослободиш, ако сакаш перспектива на своите граѓани ќе им понудиш отворени, а не затворени врати. На тоа се должеше иницијативата да се бараат избори, ама да се наоѓа начин како тие да не се случат. Сериозно ќе ја разгледаме иницијативата, има многу аргументи и во полза на една таква иницијатива, рече Шекеринска, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата во Владата.
На прашањето дали е прифатлива техничка Влада, како што стои во Договорот од Пржино и како што бара опозицијата, Шекеринска одговори дека ќе ги почитуваат законите.
– Дефинитивно, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, ќе ги почитуваме законите кои оваа држава ги донела. Одговорот ќе биде – Да, во такво сценарио она што стои во законите од прва до последна точка ќе го исполниме, наведе Шекеринска.
МИА