Грчкиот премиер Алексис Ципрас изјавил денеска дека не би се согласил да владее без апсолутни мнозинство, иако Уставот тоа му го дозволува.

АНА пренела дека Ципрас тоа го изјавил за „Опен ТВ“ по оставката на министерот за одбрана Панос Каменос и повлекувањето на неговите Независни Грци од коалцијата со Сириза.

„Нема да имам уставен проблем, но јасно е дека ќе имам политички проблем“, рекол Ципрас.

Тој навел и што планира да прави доколку не обезеди 151 глас за доверба на Владата:

„Ќе продолжам во дадената временска рамка и на апсолутен организиран начин кон предвремено излегување на избори“, порачал Ципрас.Што ќе се случува со ратификацијата на Договорот од Преспа, не навел.

Весникот „Катимерини“ го пренел предлогот на претседавачот на грчкиот парламент Никос Вуцис, дебатата за доверба на Владата да почне во вторник наутро, а гласањето да биде во среда навечер.

Ројтерс потсетува дека Сириза има 145 пратеници во парламентот и дека има поддршка од уште еден независен пратеник.

Според последните анкети, Сириза заостанува за Нова демократија со 8 до 12 проценти.

Српскиот весник „Новости“ настаните во Грција заради Македонија ги квалификува како референдумски.