Изминативе години државава, Министерството за одбрана и Воената академија „Генерал Михајло Апостолски„ – Скопје, посветија внимание на проблемот со пожарите на кои се пристапи на инвентивен и научен начин, истакна денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на работилницата од проектот ASPires кој претставува напреден концепт на систем за рано откривање и превенција на шумски пожари.
– Во годината кога го бележиме нашиот клучен напредок на планот на стратешката цел членство во НАТО, ние покажуваме дека членството во Алијансата не е само крупна надворешна политичка и одбранбена цел на државата, туку покажуваме дека тоа ни помага да ги зајакнеме капацитетите со кои ќе обезбедиме вистинска сигурност на нашите граѓани, а сигурноста не е само отсуство на војна, сигурноста е одговор на сите критични ситуации. Шумските пожари се појавуваат наеднаш, брзо се шират и го уништуваат најскапоценото, а тоа е белите дробови на нашата планета, рече Шекеринска.
Министерката информираше дека минатата година кога се заокружи првата фаза од овој проект, Министерството отстапило опрема на трајно користење на националните паркови Пелистер и Бистра, што ќе помага во рано откривање пожари. Опремата се состои од сензори за детекција на температура, влажност и притисок, сензори за јаглерод диоксид, рутери и дронови кои се опремени со мрежни камери кои податоците ги испраќаат во еден центар.
Деканот на Воената академија Орце Поповски, рече дека природата не е сама во создавање катастрофи и оти шумските пожари било да се природни или предизвикани од човекот, тие претставуваат закана за еколошките системи и човечките животи и предизвикуваат локални и глобални проблеми.
– Соработката помеѓу природните и социјалните науки е клучна во борбата со опасноста од пожари. Науката заедно со технологијата овозможуваат да се предвидуваат потенцијалните опасности и да се заштитат животи, ресурси и сопствености. Живееме во исклучително време што носи големи закана, а сепак сме длабоко игнорантни во однос на силата на природата. Природните системи се покомплексни од што мислиме, порача Поповски.
Според него, овие проекти може да помогнат во пожарите, особено во времето каде што е задоцнета реакцијата.
Проект координатор Питер Пејнт, презентирајќи ја технологијата, рече дека во националните паркови и полиња, каде што има луѓе или во одредени ситуации кога на пример ќе нема струја, со помош на технологија што вклучува сензори, преку поставени кули за набљудување и камери може да се детектираат потенцијални опасности и да се обезбеди навремена детекција и брза интервенција.
Појасни дека се користат повеќе софтвери и апликации со кои се обезбедуваат податоци како на пример ниво на јаглероден моноксид и диоксид.