ВМРО-ДПМНЕ вчера го избра својот кандидат за претседател на државата – ја номинираше универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова.
Наспроти другите осум кандидати на опозициската партија, таа доби мнозинство (408) од 519 делегати кои гласаа на конвенцијата во Струга, со што изборот беше завршен без потреба од втор круг гласање.
Силјановска-Давкова е професорка на Правниот факултет во Скопје, од каде што ВМРО-ДПМНЕ пред десет години го номинираше и својот претходен кандидат – актуелниот претседател Ѓорге Иванов кому на 12 мај му истекува вториот мандат.
-Мене ми е јасно дека не може да се оди на избори, а камоли да се победи, ако зад вас не застане силна партија, рече Силјановска-Давкова на конвенцијата. Во однос на нејзините ставови посочи дека не е националист, туку е за владеење на правото. – Законите треба да бидат во рамките на Уставот за да бидат добри- истакна таа.
Со нејзиниот избор претседателската трка во април го доби својот прв учесник, а во наредниот период треба да бидат познати и нејзините противкандидати кои ќе се натпреваруваат за шеф на државата.
По точно две седмици, на 3 март, својот кандидат на конгрес ќе го избира и СДСМ. Извршниот одбор на партијата во вторникот го овластил претседателот, генералниот и организацискиот секретар на СДСМ да се консултираат со коалициските партнери, со други парламентарни и вонпарламентарни партии за да се дојде до консензуален кандидат за претседател на државата.
Нивниот колаициски партнер ДУИ на крајот на јануари на седница на Централниот одбор едногласно одлучи самостојно да учествува на претседателските избори, но портпаролот Бујар Османи тогаш изјави дека Претседателството на партијата дало и можност доколку се создадат услови за соработка со други политички партии претседателот на партијата да разговара со албанските политички партии или со партиите на други етнички заедници по концептот консензуален кандидат.
Прв и засега единствен кој поднесе кандидатура за претседател од СДСМ е поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов. Партискиот оглас трае до 19 февруари. Како можни кандидати од СДСМ во јавноста се спомнуваа премиерот Зоран Заев, министрите Никола Димитров, Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски.
Дел од помалите партии најавија дека во трката за претседател ќе влезат со свои кандидати.
Претседателот на Собранието Талат Џафери на 8 февруари ги распиша шестите претседателски избори. Првиот круг ќе се одржи на 21 април, а вториот изборен круг ќе биде на 5 мај.
Извршниот одбор на СДСМ на седницата во вторникот одлучи да нема предвремени парламентарни избори кои ги бараше ВМРО-ДПМНЕ, образложувајќи дека се обврзале да донесат резултати во економијата.
-Граѓаните бараат резултати во економијата, реформите и интеграциите. Државотворна партија на која на прво место ѝ се интересите на граѓаните и државата, не мисли на предвремени парламентарни избори, дури и кога рејтингот и поддршката кај граѓаните е многу повисока од онаа на опозицијата- соопшти СДСМ по седницата на Извршниот одбор.