Претставниците на партијата „Има таков народ“ (ИТН) денеска на бугарскиот претседател Румен Радев му го вратија третиот и последен мандат за состав на Влада, што тој им го врачи, со што се отвора патот за закажување на вонредни парламентарни избори. Изборите што ќе следат ќе бидат шести во само три години.

Мандатот што и беше врачен на ИТН беше последна шанса за формирање на редовна влада во рамките на Народното собрание, јавува Бугарското радио.

Претседателот Радев сега мора да одреди датум за предвремени парламентарни избори, откако три мандати за формирање влада му беа вратени.

Бугарија изминатите неколку години беше управувана од серија на технички влади поради неможноста на политичките партии да формираат стабилно мнозинство во Парламентот. На тоа барем навидум се стави крај по формирањето на коалицијата меѓу ГЕРБ и Продолжуваме со промената чија договорена ротација на премиерската функција на девет месеци и составот на владата се претвори во фијаско.