Полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин „би бил луд ако го нападне НАТО“.
– Путин ја нападна Украина врз основа на супер оптимистички претпоставки и гадно се излажа. Но, тоа што не е во состојба да победи во Донбас, а не пак НАТО, не значи дека не може да направи уште една катастрофална грешка, наведе Шикорски за Третиот канал на јавното Полско радио.
Тој се осврна и на зачестените упади на руски воени авиони и дронови во воздушниот простор на земји-члеки на Алијансата.
– Не знаеме какви се нејзините (на Русија) намери. Но, знаеме што веќе прави. Таа шпионира, го загадува нашиот информативен простор со лажни вести и нејзиниот наратив, користи разузнавачки агенции, испраќа подметнувачи на пожари, испраќа одреди на смртта да убиваат новинари, бегалци од Русија, ги турка бегалците преку нашата граница. Ова е исто така едно од скалилото на скалата на ескалација, посочи Шикорски.
Тој наведе дека Полска е подготвена да соборува руски воени авиони и дронови во нејзиниот воздушен простор, бидејќи тоа е еден од елементите на суверенитетот – државата да ја контролира својата територија и да има монопол.
фото: Архива