Градоначалникот Петре Шилегов денеска објави дека пејачот Дино Мерлин ќе пее за дочекот на Новата 2020 година во Скопје и како што рече „ќе донесе уникатно шоу“.
– Град Скопје заедно со новиот пријател на Скопје, Дино Мерлин, на сите посетители на новогодишната вечер ќе понуди уникатно шоу кое се подготвува специјално за тој новогодишен концерт и кој долго ќе го паметат присутните. За мене е императив граѓаните кои ќе дојдат на плоштадот да си поминат убаво, со стандарди на едно шоу што ретко може да се види во нашиот град, изјави Шилегов на промоцијата на неговиот нов проект.
Мерлин рече дека поканата од Шилегов му претставува посебна чест.
– Ми претставува особена чест да настапам на вакво посебно место, какво што е главниот плоштад во Скопје. Концертот и шоуто што ги подготвуваме ќе бидат нашиот прв настап по цела година откако го завршивме патот околу светот наречен „Хотел Национал“, а кој траеше речиси пет години. Ми недостигаше мојата публика и многу се радувам на новиот предизвик – Новата година на плоштадот ќе биде првиот чекор во новиот пат околу светот и нов проект. Сакам да нагласам дека разликите и тешкотиите не постојат кога срцата ни се отворени, а целите исти. Целта е за Нова година во Скопје да реализираме шоу какво што заслужува овој посебен град и земја и да го дадеме најдоброто од себе на сите драги луѓе кои заедно со нас ќе влезат во Новата 2020 година, рече Дино Мерлин.