Советот на Град Скопје ја прекина денешната 30-та седница на чиј дневен ред беа две точки, поврзани со изборот на приватен партнер за вршење концесиска дејност и вложување во Јавното претпријатие за депонирање на комунален отпад „Дрисла“.
Седницата беше прекината на барање на градоначалникот Шилегов, кој како причина го наведе одржувањето на претседателските избори, а и дека ова би се одржала по завршувањето на изборите.
– Изминатиов период многу внимателно ја анализиравме целокупната состојба со проектот „Дрисла“, при што извршивме увид во целосната постапка од нејзиното почнување, па се до последната судска пресуда. Предмет на анализа беа процесите, постапките и евалуациите кои биле вршени, при што се пронајдени сериозни аномалии. Пред вас е доставена одлуката, која е недвосмислена и која вели дека Градот Скопје треба да го има Конзорциумот предводен од „SCHOLZ AG“ за партнер во „Дрисла“. Јас сум спремен кога ќе се отвори дебатата целосно да ја објаснам анализата, за тоа каде се направени грешки во минатиот процес и евалуациите, како и зошто е заглавен целиот процес онолку колку што е. Она што е извесно е дека конечно Градот Скопје ќе добие капацитет и депонија како што доликува, а пред се капацитет што ќе остварува приходи. Сакам процесот целосно да го извадиме од правните контроверзии што го следат од самиот почеток. Во моментот кога ја доставивме оваа точка пред вас, се појавија некои дилеми, а бидејќи се распишани избори за претседател, јас предлагам да ја прекинеме седницата и изборот да го извршиме веднаш по завршувањето на изборите, рече денеска градоначалникот Шилегов.
Тој напомена дека е даден налог на службите за постапка за раскинување на договорот со конзорциумот FCL AMBIENTE SRL и UNIECO SCC COOP од Република Италија, како и дека во периодот додека не се избере нов концесионер Град Скопје ќе го преземе управувањето со Јавното претпријатие за депонирање на комунален отпад „Дрисла“ – Скопје.