Најпогрешен и најлош начин да го третирате загадувањето е да се рече дека може на брз начин да се реши, рече градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.

– Тоа е проблем акумулираан со децении како резултат на недобрите стратегии и недобри планирања на градот. Токму заради тоа не постои начин на кој можете одеднаш да го надминете овој проблем. Зазеленувањето е еден од начините за решавање на загадувањето, рече Шилегов.

Тој ги посочи и другите мерки што градот ги презема во таа насока како што се набавката на нови еколошки автобуси, иницијативата за еколошкото мапирање на возилата, бидејќи, вели, сообраќајот придонесува 22 проценти во загадувањето на воздухот, потоа формирањето на градските енергетски системи за што при крај е легализацијата на топловодната мрежа, по што градот ќе го преземе управувањето. На овој начин се таргетира загадувањето од домовите кои учествуваат со 53 проценти ви вкупното загадување.

– Извршено е мапирање на градот каде ќе влеземе со топловодната мрежа, односно нејзино ширење со цел да се приклучат што е можно повеќе граѓани, а каде како примарно ќе се навлегува со гасоводот. Во моментов во ГЕС се проектираат неколку терцијални гасоводни мрежи  на кои се надевам дека ќе успееме во текот на оваа сезона да започнеме со приклучување на објекти, рече Шилегов.

Тој посочи дека во западниот дел на градот (Карпош 4, Влае и Ѓорче Петров) имаше интензивни градежни активности во текот на летната сезона (со поставување гасоводна мрежа), што било услов да се започне со терцијалната гасоводна мрежа, односно приклучување на гасот кон домовите.

Меѓу мерките за надминување на загадувањето, Шилегов укажа и на зајакнатиот инспекциски надзор од страна на инспекциската служба на град Скопје. Според него, со сите овие мерки, може да се очекува аерозагадувањето да се надмине на среден рок.

Така говори Шилегов сега, а како опозиционер ветуваше дека штом дојдат на власт, брзо ќе го решат проблемот со загадувањето. Тој беше активен учесник и на честите протести против загадениот воздух, против сечењето дрвја… А денес се сече шума на Водно, за изградба на гасоводот и за „патишта до нивите“, но и тој проблем „спаѓа во наследените“.